Кој е Васил Евдокимов, директорот на фирмата што сака да го купи Макпетрол?

by fokus 17:51
17:51

Компанијата Балкан Петролеум деновиве најави дека има намера да го купи македонскиот нафтен гигант Макпетрол. Интересно е што оваа компанија е основана на 28 мај годинава, односно само 12 дена пред да достави понуда до Макпетрол за преземање. Основач на оваа компанија која има седиште во Лондон е друга фирма со седиште во Кипар, Даволиа Холдингс. Таа е основана неколку дена претходно.

Директорот на Балкан Петролеум го има во „Панама Пејперс“

Директор на Балкан Петролеум, која е основана со капитал од 1.000 евра е извесен Васил Евдокимов. Тој е британски државјанин, а според документите до кои дојде Фокус, може да се види дека тој бил или се уште е директор или секретар во дваесетина различни компании. Сите тие компании, освен Балкан Петролеум, се регистрирани на иста адреса во Лондон, а тоа е 29 Holly Park Gardens, London, N3 3NG.

Оваа адреса води до врската која го поврзува Евдокимов со една фирма која се најде во скандалот „Панама Пејперс“. Имено, на истата таа адреса е регистрирана и фирмата „Nelwood Limited“, во која сопственички удел имал токму Васил Евдокимов. Според „Панама Пејперс“, оваа фирма е основана на 9 јануари 1996 година на Британските Девствени Острови, а од регистерот била избришана во 2014 година. Основачки удел во „Nelwood Limited“ освен Евдокимов, имале уште три субјекти.

Акциите на Макпетрол за два дена пораснаа за 3.000 денари

Балкан Петролеум преку оглас објавен во Утрински весник им понуди на акционерите на Макептерол да ги купи нивните акции по цена од 25.908 денари за една акција, што беше 35 отсто повисока цена од берзанската која тогаш ја имаа. По ова, цената на акциите на Макпетрол е во континуиран пораст и за само два дена порасна за 3.000 денари.

За утре е закажано Собрание на акционерите на Макпетрол, но уште веднаш по доставувањето на намерата за преземање од страна на Балкан Петролеум, понудата беше одбиена со образложение дека документацијата не е комплетна.

 

Поврзани новости