Студентска пролет – проникнаа никулците што ги посеавме

by Фокус

216994_1021552273207_9146_nПишува
Мимоза РИСТОВА

Студентите се природните протагонисти на едно општество кои имаат капацитет да градат и да бранат демократија. Заедницата на студентите е општествениот ресурс за промени. Тие се историски создадени за да обавуваат позитивни преврати: тие имаат заеднички карактеристики – исти услови за учење, слични ментални предиспозиции и стремежи кон академската заедница на земјата.

Згора на сè, тие се локализирани во физичкиот и општествениот простор, па не треба да им е многу тешко да се соберат и организираат. И што им е најлесно од сè, тие немаат работодавци кои ќе го уценат нивното делување во општествениот простор – тие треба по дефиниција да имаат обезбедена егзистенција. Ете затоа секоја сериозна револуционерна промена логично е да се роди од кај студентите предводени од сопствената интелектуална моќ и желба за слобода.

Покрај знаењето и вештините, низ образовниот процес студентите го попримаат и моделот-граѓанин од сопствените професори. Она во што ќе пораснат студентите е всушност плодот што го посеале нивните професори. Ако во една држава студентите не се освестени и прогледани, тоа значи дека нивните слободоумни интелектуалци-професори се пресликале во поголем број единки.

Како и да е, во изминатиов период, бројот на студенти-борци-непокор против диктатурата и беззаконието природно пораснал, достигнувајќи ја својата критична маса. И ете, се случи долго чеканата „пролет“ во која никнаа нашите „кокичиња“. Сознанието дека, сепак сме оставиле зад нас живи никулци што ќе проникнат притив систематското флагрантното уривање на автономијата на Унивезитетот од страна на режимот, во мене воздигна невидена радост.

Гордо ќе си дозволам да ве потсетам на настаните што му претходат на овој студентски протест. Сакам да потсетам на активностите на неколкуте професори од невладината Вокс-Академика, кои пред три години се кренавме во протест за одбрана на автономијата на Универзитетот. Иако малубројни, сепак сме го посеале семето на протест кај помладите припадници на академската заедница.

Значи, власта веќе цели три години „насилно“ и систематски ги носи противуставните измени на Законот за високото образование. За нашиот тогашен протест, владината машина за мелење на месо и спинување изсмисли серија од иновативни упади: најпрво успешно ни го всади ставот дека не требало да ги мешаме во ова студентите (божем тие се мали деца што живеат на Марс, па не се оттука и не треба да ги тангира сето ова), на кое подлегнавме сите ние од организацијата.

Потоа останавме околу 80-тина професори во протестот па ни пуштија „студенти- контрапротестанти“ кои беа сосема инхибирани во моќта на говорот и течението на мислата за да може човек да дознае против која идеја контрапротестираат. На местото на протестот, во кампусот на УКИМ, секако дека беше и камерата на Сител (окото на фамилијата) која, верувам дека на братучедите им вршела директен пренос.

Кога увидоа дека ние сме толку супериорни над оние кутри контра-апаратчиња, и дека пред камерите на независните медиуми овие трескаат севозможни глупости, контрапротестантите го напуштија академското бојно поле. Тогаш Груевски ни го пушти ресорниот Министер за образование, Никола Тодоров, кој на протестот долета од негде и почна да се поздравува со професорите, во обид да не разедини.

И навистина, некои од професорите на УКИМ се налепија на неговата „величина“ и почнаа да преговараат со него за отворање дебати и слично. Потоа, од Вокс- Академика го оспоривме ЗВО пред Уставниот суд, но не успеавме да се справиме со тоа што веќе беше туѓа територија – власта и таму систематски си оформи свое мнозинство. Додуше, суспендираа само небитни членови од ЗВО, само за да и замачкаат очи на јавноста дека ни удоволиле, а останаа големите законски измени кои што ја засегнаа автономијата.

Во тој период имаше и лични притисоци кон нас, организаторите. Јас набргу добив Кривична тужба за клевета и навреда на угледот и честа на еден Уставен судија, заради своја колумна во неделникот „Фокус“. Добив и закани за кривична тужба од некои видни личности на УКИМ. Професорот Фрчковски, пак, како што знаете власта го лустрираше. Во тој период Вокс-академика објави три броја од списанието Вокс -академика, го растури по неколкуте универзитети во државата. Списанието ја информираше академската заедница за тоа, што значи автонимија и како низ историјата на светското високо образование се востановувала.

Пишувавме за нејзиното неприкосновено значење за цела една држава и демократијата во неа. Во нашите активности, секако дека бевме стратешки помогнати и од некои угледни и храбри студенти на УКИМ, но многу внимателно и во обид да ги заштитиме од краците на канцерот на ова наше општество – власта.

Имајќи ја оваа уникатна можност оваа година да претстојувам како Фулбрајтов професор во САД, во Националната Лабораторија на Лоренс, во склоп на Универзитетот Беркли, јас осознав за традиционалната револуционерност на овој врвен светски универзитет. Студентите овде се традиционално освестени чинители на промените во ова општество. Можам слободно да кажам дека овде вирее левата оријентација.

Тука и марксистичките идеи не се туѓи. Истовремено, будно ги следев збиднувањата во Хонг-Конг, каде што студентите се кренаа со чиста политичка цел и кауза, против централната власт во Кина, која им го узурпира правото на граѓаните на Хонг-Конг да си организираат слободни демократски избори, а не избори со кадидати издиктирани од централната власт на Кина. Овие студенти делуваат пошироко на општествените појави.

Тежнеењето на нашите студенти да останат надвор од политиката за мене е несфатливо. Хонконжани се кренаа за да влијаат на највисоката политика, бидејќи тоа е нивното легитимно право и обврска. На Беркли има многу научници и имигранти од Кина кои се горди на своето учество во настаните на Тјенанмен, кога за прв пат студентите се кренаа против режимот а државата со прегазување со тенкови се справи со нивниот протест. Кинезите тврдат дека токму силата од одекот на овој протест ги сруши до темел Берлинските ѕидови на смртта.

Како и да е, требало да помине време за студентите да созреат и да си застанат како штит пред своите уставни права а истовремено во одбрана на државните интереси. Бев неверојатно пријатно изненадена од сликата на протестот – тие беа излезени во импозантна бројка и го кренаа својот глас!!! А зошто Груевски не им испрати контрапротестанти? Најверојатно немало такви и толку контрапротестантски клонови кои би можеле да им парираат во масовноста, па затоа груевци се откажале од ваквата за нив политички погубна драма. Од видеоснимките можев да пребројам околу 3.000 убави и млади лоца.

Прекрасни млади луѓе со артикулирани барања срочени на хартија. Како и да е, дознавам дека истовремено во позадина на УКИМ се случувале некои чудни настани. Во комуникација со моите колеги-професори од ПМФ дознав дека истовремено со протестот од страна на управата на УКИМ било побарано најитно, малтене од денес за вчера, сите професори да состават некакви листи/списоци за научни списанија. Целта на барањето била провидна – ангажирање на професорите за да не можат физички да постигнат да им се придружат на сопствените студенти. Мнозинството од професорите им подлегнало на ваквите манипулации, за жал.

Како и да е, дојдовме до државното злато, нашите најбогати државни резерви – наште златни деца кои создреале, го стекнале имунитетот против метастазите на државата и најдостоинствено, наоружани со младоста и со добро срочени барања и аргументи ја покажаа својата интелектуална сила. Тие најдостоинствено ја демонстрираа својата потенцијална моќ од која власта се плаши и се крие како зајак во дупка.

Горда сум на организаторите и на сите учесници. Само уште ќе им посакам да не наседнуваат на пропагандата на режимот, кој се обидува да ги стигматизира, да ги обвини дека тие се инструмент на опозицијата, предводена од веќе политички импотентниот СДСМ. Студентите се кокичињата, плодот наречен DEUS EX MACHINA. Тие не треба да се бранат и да се осврнуваат кон етикетите што им ги лепат, туку треба само да си ја пафнат прашината од крагната и да продолжат до остварување на пошироките цели.

Истовремено, треба да се издигнат над тесниот спектар на барања од ресорот на образованието, па да побараат сè што им следува, да си ги побараат сите права што им се узурпирани и поради кои се стимулира нивната емиграција. Да побараат оставка на целата Влада, па дури и инпичмент на претседателот на РМ, кој ги потпишуваше сите укази од противуставните закони и покрај нашите укажувања и писма до него!!! Сите егзекутори на недемократскиот режим треба да се повикаат на одговорност за автономијата, а не само случајниот сегашен министер за образование.

Годра на нив, им пожелувам среќа и страдам што не сум во првите редови.

Поврзани новости