По најавата за екстерно тестирање на студентите, во втора и четврта година, студентите се организираа и најавија дека вечерва во 18 часот ќе кажат „Стоп за екстерното тестирање“.
Местото на собирот ќе биде на платото меѓу Филозофски, Економски и Правен факултет, односно пред споменикот на Св. Кирил и Методиј.
„Слободен собир, дискусија и организирање на автентична студентска организација која ќе се бори против екстерното тестирање на студентите. Се работи за тебе, мене и сите студенти кои сме засегнати од екстерната небулоза! Дојди и ти! Дади свое мислење и идеја! Немој да игнорираш, се работи за сите нас и зависи од секој од нас!, пишува во повикот, објавен на фејсбук групата „Не за државни испити на студентите“, која има над 4.800 членови.
Идејата за екстерно тестирање беше презентирана пред две недели, од министерот за образование, Абдулаќим Адеми, а вчера беше потврдена и од премиерот Никола Груевски.
-Надворешна проверка на знаењето на студентите ќе има, а ќе се разговара за моделот на тестирањето, рече Груевски, додавајќи дека тоа ќе го зголемело квалитетот на дипломите.
Студентите возвратија дека мора да го кренат гласот, бидејќи никој не го ценел нивното мислење, односно фактот што веќе 95 проценти од нив се изјасниле против државниот испит.