Студенти волонтери од Турција ја чистеа околината на браната Гратче кај Кочани

by fokus

Дваесетина волонтери од Турција организирани преку кочанското здружение на млади правници „Павел Шатев“, спроведоа еколошка акција за расчистување на околината на браната Гратче кај Кочани.

Волонтерите, кои преку студентската размена од програмата Еразмус плус и од Европскиот волонтерски сервис веќе неколку месеци престојуваат во Кочани, слободното време во викендите го користеле за пешачење до езерото, каде забележале дека локациите кај водопадот и на плажата спроти стариот мотел се полни со отпадоци.

– Потврда за негрижата на нашите сограѓани кон животната средина е што од околу 300 метри квадратни собравме четириесетина вреќи полни со отпадоци. Затоа ги повикуваме граѓаните да ја чуваат околината на браната Гратче која е прекрасно туристичко и излетничко место не само за граѓаните на Кочани, туку од цела Источна Македонија, рече претседателот на здружението „Павел Шатев“, Благој Ристов.

Во акцијата за расчистување на околината на Гратче на волонтерите им помогнаа и членови на спортско-риболовното здружение „Кочански рибар“, како и вработени од КЈП „Водовод“.

Претходно волонтерите од Турција, во соработка со текстилни компании од Кочани, сошија околу 500 платнени торби за пазар, што бесплатно им ги поделија на граѓаните пред трговските објекти заради подигање на јавната свест за намалување на користењето на пластичните ќеси.

Поврзани новости