Во склоп на седмото издание на Струмица Опен Фестивал, во тек е забавната Летна школа за гитара, на која вечерва и утре вечер предавања ќе има виртуозот на гитара Влатко Стефановски.
Утре на Езерцето ќе се одржи и завршниот концерт на кој ќе настапат сите успешни учесници на школата заедно со нивните предавачи.
Вечерва пак, бендот Нокаут ќе настапи на сцената во градскиот парк, со почеток од 22 часот. Нивниот концерт е најавен како акустична романтика.
Струмица Опен Фестивал свечено беше отворен на десетти август, со проектот на Камерниот оркестар на Битола насловен „Rock Symphony“.
Главните настани се очекуваат за време на викендот, кога голем број на музички ѕвезди од земјава и регионот ќе имаат свои концерти.
Во петок настапуваат Тамара Тодевска, Владо Јаневски, Тони Цетински, Divolly & Markward и Ted Dettman b2b Sal Sonder.
Во сабота свои настапи ќе имаат Виктори бенд, Либеро бенд, Марија Шерифовиќ, Лепа Брена и Афишал.
Во недела музички гости ќе бидат бендот Црвена Јабука, Дубиоза Колектив, Саша Ковачевиќ и Astra – ION Project.
Поради интересот за фестивалот, речиси и да нема слободни соби во локалните хотели. За време на викендот се очекуваат илјадници гости од цела земја, но и од соседна Бугарија, посебно поради големиот интерес за балканската музичка ѕвезда Лепа Брена, која е една од омилените пејачки во Бугарија. Најавено е пристигање на повеќе автобуси со фанови на популарната пејачка. Нејзиниот настап ќе започне 35 минути по полноќ, а ќе трае до два часот.
Вики Клинчарова