Струмички карневал: Древна традиција што доби модерна димензија

Струмичкиот карневал е традиционален локален обичај со вековна традиција, кој директно е поврзан со верскиот празник Тримери, кој, пак, е поврзан со армасаните (свршените) девојки. Датумот на одржувањето се менува зависно од Велигден и традиционално се одржува во вторник по Поклади - Прочка. Дека станува збор за древна традиција, показател се маските и носиите што останале во употреба, а се работи за рогови од разни животни, како и облека од кожа и крзно. Денес карневалот има добиено модерна димензија, а преку маските се покажува вечната борба меѓу доброто и злото

by Fokus

Пишува: Вики КЛИНЧАРОВА

„Дојдов во еден град, расположен во полите на еден висок баир и видов како таа ноќ маскирани луѓе претрчуваа од куќа во куќа, низ смеа, писок и песна“ – напишал познатиот отомански патописец Евлија Челебија уште во далечната 1670 година, за своето искуство додека минувал низ Уструмџа.

Најверојатно, станувало збор за тримерските карневалски свечености во Струмица, за древниот настан, кој и денес продолжува да се одржува годишно, единствен од таков вид во Македонија.

ЛОКАЛЕН ОБИЧАЈ

Струмичкиот карневал е традиционален локален обичај со вековна традиција, кој директно е поврзан со верскиот празник Тримери, кој, пак, е поврзан со армасаните (свршените) девојки. Датумот на одржувањето се менува зависно од Велигден  и традиционално се одржува во вторник по Поклади – Прочка.

Дека станува збор за древна традиција, показател се маските и носиите што останале во употреба, а се работи за рогови од разни животни, како и облека од кожа и крзно.

Мотивите најчесто се невеста и младоженец, кои ги симболизираат свршениците, попот кој ги благословува младите за среќа и слога во бракот, како и ѓаволот кого сите го бркаат, што симболизира бркање на сите лоши влијанија што би можеле да им наштетат на младите.

Денес карневалот има добиено модерна димензија, а преку маските се покажува вечната борба меѓу доброто и злото. Самите учесници си ги избираат маските, а актуелни се и групните маски, кои се заедничка идеја на целата група.

Иако карневалот, со текот на годините, станал посовремен, сепак неговиот традиционален карактер и одењето по куќите на свршените девојки како обичај останал. Со гитари, дајре, хармоника и други музички инструменти, маскираните групи одат по куќите на свршените девојки, каде што се прават забави.

ЦЕНТРАЛЕН НАСТАН

 Карневалот, кој датира со векови наназад, во изминатите триесетина години има обновена организациска форма и е еден вид централен настан во Струмица, кој привлекува гости од целиот свет.

Секоја година на карневалот настапуваат околу 2.000 учесници, од кои околу 600 учесници од странство. Во изминатите 20-тина години, на карневалот продефилирале над 10 илјади карневалисти и делегации од Америка, Албанија, Аруба, Белгија, Бугарија, Грција, Црна Гора, Холандија, Хрватска, Италија, Ирска, Финска, Франција, Германија, Полска, Португалија, Русија, Словенија, Србија, Турција, Украина, Шведска и други.

Од 1994 година, Струмица со Струмичкиот карневал е член на меѓународната асоцијација на карневалските градови – FECC, со што карневалот доби интернационален карактер и се вброи во картата на светските карневали, а во 1998 година беше домаќин на 18-от Интернационален конгрес на FECC.

Годинава, карневалот почнува на 16 март и во тек е пријавувањето на учесниците. Организатор на Струмичкиот карневал е Одборот за организација на Струмичкиот карневал, кој е орган на Советот на Општина Струмица и се избира од Советот со мандат од четири години. Покровители на карневалот се градоначалникот и Советот на Општина Струмица.

Техничката организација е помогната и од културните институции. На карневалот може да земат учество и рамноправно да учествуваат за наградите сите граѓани кои навреме ќе достават пријава и ќе имаат квалитетна маска, согласно високите стандарди и реномето на карневалот.

РАМКА:

„ПРЕДАВАЊЕ НА КЛУЧОТ“

Во 2018 година, следејќи се по обичајот во други карневалски градови во светот, било воведено „предавање на клучот на општината“ од страна на градоначалникот на Струмица на организацискиот одбор на карневалот, симболично укажувајќи на тоа дека градот сега е „под управа на карневалџиите“.

Со свеченото предавање на клучот од градот од градоначалникот на карневалистите во Струмица, всушност, и почнуваат осумдневните карневалски празнувања.

Со или без клуч, Струмица секогаш е отворена за сите добронамерници, од каде и да се, велат струмичани околу симболиката со примопредавањето

Поврзани новости