Започнa реконструкцијата на Сидриштето во Охрид

by Fokus

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска го посети армискиот Центар за обука на вода во Охрид, каде следната недела продолжува реконструкцијата на старата и дотраена дрвена платформа, во делот кој се користи за паркирање на воени и цивилни пловни објекти и изградбата на потпорниот ѕид.

Министерката истакна дека по увидот на состојбата направен минатата година, констатирано е дека Сидриштето се наоѓа во многу лоша состојба и дека неговата понатамошна употреба може да ги загрози животите на корисниците. Петровска појасни дека по отворената јавна набавка и изборот на фирма, заради укажувањето на граѓанска организација дека има можност за загрозување на животната средина, реконструкцијата е стопирана и побарани се мислења од надлежните институции и УНЕСКО.

„Се обративме на надлежните институции – Министерството за животна средина, Заводот за заштита на културното наследство и УНЕСКО и сите по увидот кој го направија во документацијата, вклучително и Елаборатот за заштита на животната средина констатираа дека нема никаква опасност по животната средина“, рече министерката.

Петровска рече дека активностите за реконструкција од страна на избраната компанија продолжуваат од понеделник и согласно договорот ќе траат 45 работни дена.

Реконструкцијата на платформата при која ќе се користат еколошки материјали се однесува на левата страна на Студенчишкиот канал и тоа во должина од 190 метри.

Поврзани новости