Стравот од ебола останува, здравствените власти се уште утврдуваат од што починал Англичанецот

by Фокус

Се уште е неизвесно дали 58-годишниот пациент од Англија, кој денеска почина на Инфективна клиника, бил заболен од ебола. Јованка Костовска, од Комисијата за заразни болести вечерва истакна дека ќе се чекаат резултатите од германската лабараторија, од каде што утре ќе побараат да биде извршена анализа.

„Се уште не сме убедени дека станува збор за ебола. Било утврдено дека пациентот имал температура од 37,4, што не соодветствува на заболени од ебола, бидејќи за неа симптом е температура од над 38,5. Но, тоа што болеста многу брзо прогресирала, ни даде сомнеж дека можеби се работи за ебола, рече Костовска.

Таа додаде дека колегата на починатиот истакнал дека во Македонија пристигнале на 2 октомври, а претходно не престојувале во земјите ризични за оваа заразна болест.

Во моментот лекарите се грижат за здравствената состојба на неговиот пријател, со кого заедно престојувале во хотел во близина на трговскиот центар Мавровка, а Костовска објасни дека заразната болест не се шири преку воздухот, туку преку директен контакт со заболениот.

Под лекарски надзор е и целиот персонал на хотелот како и медицинскиот персонал кој биле во контакт со починатиот Британец.

Од ебола во Светот досега починаа 672 лица. Првите симптоми на болеста се како и кај најобичната настинка, односно покачена телесна температура, малаксаност, намален апетит, главоболка и болки во грлото.

Кога болеста ќе стане прогресивна, тогаш пациентте чувствуваат болка на целото тело, мачнини, повраќање, дијареа, грчеви. Истовремено ослабнува функцијата на црниот дроб и белите дробови, но и на останатите витални органи.

 

 

Поврзани новости