„Стратешко“ обединување на СДСМ за членство во ЕУ, но и за потиснување на личните разлики!

Откако беше прозван дека се здружил со Мицкоски и дека е дел од хибриден фронт за пензионирање на Ахмети, Заев вчера седна на маса заедно со Ковачевски, Зечевиќ и Спасовски, порачувајќи дека „демократскиот блок не исклучува, тој здружува“.

by Фокус

Во време на бројни информации и тврдења за крупни разлики и несогласувања во СДСМ, пред се меѓу сегашното партиско раководство предводено од Димитар Ковачевски и неговиот претходник Зоран Заев, двајцата вчера седнаа на иста маса заедно со генералниот секретар Миле Зечевиќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешниот пратеник Игор Ивановски, кои се обединија во партискиот стратешки тим.

„СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат. Координативниот состанок на стратешкиот тим е во оваа насока – да направиме сè, да овозможиме целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, да станеме полноправна европска држава до 2030 година.

Европскиот пат и полноправното членство во ЕУ е највисок државен и национален, македонски приоритет. Ова е клучен момент, се работи за сегашноста, стабилноста и извесната иднина на сите наши граѓани, за иднината на денешните и идните генерации. Граѓаните заслужуваат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја, нивната татковина“, истакна Ковачевски по средбата.

Истовремено, се огласи и Заев, кој напиша: „Мораме да осигураме просперитет за македонските граѓани и извесна иднина за нашата држава. Членството во ЕУ сега се чини најдостижно. На тој пат, ние социјалдемократите, имаме државничка одговорност да преземаме храбри и одлучни чекори. Демократскиот блок не исклучува, тој здружува. Тоа е единствената и проверена формула за нов македонски успех“.

Всушност, Ковачевски, Зечевиќ, Заев и Спасовски на овој начин демонстрираат единство во време на лични и концепциски разлики. За потсетување, „Фокус“ на почетокот на годинава пишуваше дека Заев најмногу му замерил на Ковачевски што дозволил Зечевиќ да лобира за нов директор на АНБ, а Али Ахмети да истурка свој обвинител за организиран криминал.

(АРХИВА) Зошто Заев се разидува од Ковачевски и се врти кон Мицкоски?

Притоа, тој се приближил и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кому, како што објавивме, му нудел и поддршка од пратеници за предвремени парламентарни избори. Целта на Заев е по евентуален изборен пораз на СДСМ да биде дел од процесот на внатрепартиски промени, кога би направил обид неговиот најблизок соработник Венко Филипче да стане партиски генсек, додека фаворит за лидерската позиција би бил Спасовски.

Зошто Заев му нудел пратеници на Мицкоски за предвремени парламентарни избори?

 

(АРХИВА) Спасовски ја пикира фотелјата на Пендаровски или на Ковачевски?

Во меѓувреме, ДУИ почна да говори за хибриден фронт кој се формирал со цел да ја прати партијата во опозиција. Според „интегративците“, и Заев е дел од овој фронт, а основите за таквите проценки се поставени уште кога тој почна да промовира концепт за заедничко владеење меѓу СДСМ и ВМРО по германски модел. Околу оваа тема, Ахмети внимателно бираше зборови на последното интервју.

Ахмети го брани Груевски и го штеди Заев, тие го демантираат за тајните средби за КЗ!

Зоран излезе во кампања „ДУИ во опозиција“, и на албански јазик – рече Ахмети на „360 Степени“, кој на дополнителното барање за коментар во врска со информациите дека Заев и после овие избори, кога веќе практично се пензионираше, работел со Мицкоски на сценарио ДУИ да се прати во опозиција, рече дека имало работи што не може да ги сподели со јавноста.

„ПОЗНАТ ПАЗАРЏИЈА“

Исто така, и Никола Груевски отворено почна да говори за врската Заев-Мицкоски, па дури и изрази сомнеж дека Заев стои зад нападот на Мицкоски кон него дека е во тајна комуникација со власта, со цел да обезбеди двотретинско мнозинство за уставни измени и да предизвика поделби во ВМРО-ДПМНЕ, а во замена да добие амнестија од кривичен прогон.

Eден портал објави многу детали, но никој не демантираше. Гледам година дена не го споменуваат Заев. Настрана што имам информации дека и во самиот штаб зборат дека Заев ќе им помогнел. Заев е познат пазарџија, и да им помогне нема да биде тоа туку така, веројатно таа помош има цена. Не знам на која идеологија и концепт се прави таа соработка, тој беше главниот џелат на ВМРО. Еден човек кој однесе во затвор без вина куп луѓе да биде сојузник чудно ми е. А нема демант.

Не можам да исклучам дека оваа хајка кон мене на ВМРО е потикната од Заев. Сакаше да ме внесе во затвор, од каде добивав пораки дека едвај ме чекаат и не можам да кажам дека тој човек се откажал од тоа или дека не е исплашен од мое враќање порано. Ако таа соработка е таква интезивна и честа со заеднички планови, 2 мандати коалиција СДСМ и ВМРО под негов патронат, тогаш јас сум вишок и не сакаат да ме видат – рече Груевски на „Инфомакс“.

Досега, Заев не се произнесе за овие информации и тврдења, туку се појави на иста на маса со Ковачевски како дел од тимот што ќе ги дефинира стратешките правци на СДСМ, порачувајќи дека „демократскиот блок не исклучува, тој здружува“. Ова следува откако претходно неколку сдсмовски функционери упатија пораки за единство.

„Единството е големината и моќта на нашето функционирање и на сите животни победи! Тоа сме го покажале и докажале! Двигателот за чекорење напред е нашата поврзаност, како големо семејство!“, напиша на Фејсбук струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, објавувајќи фотографија со Заев.

Влатко Стојановски

Поврзани новости