(АРХИВА) Спасовски ја пикира фотелјата на Пендаровски или на Ковачевски?

Пред неколку месеци, пишувавме под кои услови Стево Пендаровски би прифатил уште една претседателска кандидатура, а воедно анализиравме дали такви амбиции сѐ уште има Оливер Спасовски или, пак, неговиот план е да влезе во трка за лидер на СДСМ ако Димитар Ковачевски се повлече?

by Фокус

Текстот е објавен на 01 јуни 2023 година во неделникот Фокус со број 1.443.

Иако до следните претседателски избори има уште доста време, а се уште не се знае дали ќе бидат одвоени или споени со парламентарни избори, сепак, веќе почнаа да се прават кадровски комбинаторики кои би биле кандидатите на власта и на опозицијата за шеф на државата. Пред неколку месеци, пишувавме под кои услови Стево Пендаровски би прифатил уште една кандидатура и дали тој е првиот избор на власта, а воедно анализиравме дали такви амбиции сѐ уште има Оливер Спасовски или, пак, неговиот план е да влезе во трка за лидер на СДСМ ако Димитар Ковачевски се повлече? Во меѓувреме, Спасовски даде интервју за „Фокус“, каде вели дека „рано е да разговараме дали би бил кандидат за претседател или лидер на СДСМ“, меѓутоа истовремено порачува дека во неговата партија „може многу повеќе да се работи“.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во неколку наврати, за време на неговиот досегашен мандат, претседателот Стево Пендаровски изразил несогласување со одредени политики на власта предводена од СДСМ и ДУИ, кои всушност застанаа зад него на претседателските избори во 2019 година и му овозможија да биде избран за претседател.

Притоа, Пендаровски неколкупати одби да потпише указ за закони изгласани од парламентарното мнозинство. Иако станува збор за механизам со привремена моќ, бидејќи по евентуалното второ изгласување на законите тој ќе мора да стави потпис, сепак, се праќа сериозна порака кон јавноста кога еден претседател отфрла закони поддржани од, условно кажано, неговите.

Па, сите беа во исчекување дали шефот на државата ќе ги потпише законите поврзани со изградбата на автопатските делници од страна на „Бехтел и Енка“, имајќи предвид дека претходно изнесе критики околу работното време. Сепак, на крајот стави параф, истакнувајќи дека никаде ја нема озлогласената формулација за 60-часовна работна недела.

Патем, тој ги отфрли тезите дека на овој начин сака да си ја купи поддршката од владејачките партии за уште еден 5-годишен мандат на изборите следната година. Како што рече тој, никогаш не калкулирал со поддршката и воедно додаде дека во овој момент воопшто не размислува за втор мандат.

Она што беше интересно, Пендаровски доби прашање дали стравува дека власта на следните претседателски избори ќе истрча друг кандидат, конкретно со актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, чие име, за волја на вистината, често се споменува во таков контекст? Во однос на тоа, актуелниот шеф на државата одговори:

Ако имаш страв во животот, не се впушташ во ниедна работа, не само во политиката. Најбитно е да немаш не страв од некого, да имаш доверба во себе. Ако самиот се чувствуваш подготвен, не постои толку голем страв од некој опонент потенцијален кој може да те инхибира и да останеш дома и да гледаш телевизија“.

ОДНАПРЕД ЗАГУБЕНА БИТКА

Иако до следните избори има уште една година, сепак, тоа не е голем период за големи и сериозни партии, кои не ги планираат чекорите од денес за утре, туку врз основа на разработена стратегија и план на среден рок. Оттука, кога се говори за претседателските избори, се поставува прашањето дали веќе се издвојуваат можни кандидати на власта, но и на опозицијата? И од кои фактори ќе зависи кадровската селекција?

Односно, дали власта предводена од СДСМ повторно ќе настапи со Пендаровски, со кого прво загуби во 2014 година, но успеа да победи 5 години подоцна, откако во меѓувреме партијата дојде на власт, по што на своја страна ја имаше и ДУИ? Или, пак, овојпат ќе истрчаат со споменатиот Спасовски или некој друг со амбиција да се пресели на Водно?

Официјално, Пендаровски вели дека не размислува за уште еден, втор по ред, мандат. Меѓутоа, според нашите информации, неговата одлука ќе зависи од неколку аспекти – општата атмосфера, политичките трендови, како и рејтинзите и позициите на политичките партии. Засега, повеќе од сигурно е дека тој нема да влезе во однапред загубена битка.

Имено, Пендаровски би прифатил повторно да биде заеднички кандидат на СДСМ, ДУИ и други партии ако има такво расположение кај владејачките партии и нивниот блок, од една страна, и ако притоа му гарантираат макар 300.000 гласови, од друга страна. За него би имала смисла само една ваква платформа, која потоа би ја надградил со гласачи надвор од партиските зони.

Во спротивно, доколку рејтингот на СДСМ до таа мера еродира, а ваквиот пад не може да го компензира ниту стабилната ДУИ, засилена и со новиот партнер – Алијанса за Албанците, тогаш не е прашањето дали власта ќе трча со Пендаровски, туку дали тој ќе прифати да биде нивниот претседателски кандидат. Ако бидат доведени во ситуација да бараат нов кандидат, пак, се поставува прашањето кој би бил тој?

Дали тогаш на површина испливува токму Спасовски, со оглед дека други партиски авторитети со багаж, како Зоран Заев и Радмила Шекеринска, се надвор од конкуренција? Како што е познато, Заев уверува дека нема да се враќа во политиката, иако често се случувало едно да каже, а друго да направи, додека Шекеринска се споменува како кандидат за врвна позиција во НАТО.

ПАРТИСКИ ИЛИ НЕПАРТИСКИ КАДАР

Кога се работи за Спасовски, не е тајна дека беше во потесен избор и на претходните избори. Но, упатените велат дека на крај изборот паднал врз Пендаровски, кој имал малку повисок рејтинг од тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров, а далеку зад нив била Шекеринска, додека уште повеќе заостанувал Спасовски.

Оттука, јасно е зошто во кадровските комбинаторики на партиите речиси секогаш натежнуваат надворешни решенија на претседателски избори. Едноставно, тоа се покажува како формула за успех, бидејќи непартиските кандидати обезбедуваат гласачи, кои никогаш не би гласале за чисти и тврди партиски кадри. Впрочем, тоа се покажа и изборите на кои Пендаровски за влакно ја победи Гордана Силјановски, исто така непартиски кадар избран од ВМРО-ДПМНЕ.

Од денешна перспектива, може да се заклучи дека Спасовски или Шекеринска сигурно би загубиле од Силјановска. Или пак работите може да се постават и поинаку. Ако Пендаровски одвај ја порази Силјановска, тогаш може да се каже дека тој ќе се прошеташе на тие избори ако негов противкандидат беше Влатко Ѓорчев, кој не може да смета на ниту еден глас надвор од тоа што го носи партискиот камп.

Доколку тоа се земе во предвид, многу дискутабилно е дали Спасовски би влегол во трка за претседател, дури и ако навистина има таква желба. Тој има поддршка од базата, но не носи никаква дополнителна вредност. Згора на тоа, СДСМ сега не е фаворит како што беше на минатите избори, за да си дозволи да настапи со партиски играч, туку мора да експериментира ако сака да постигне успех.

Дополнително, треба да се има на ум дека Спасовски доживеа личен политички неуспех на последните локални избори, кога кандидатот на СДСМ Оливер Илиевски загуби од Максим Димитриевски. Бездруго, повеќе се работи за пораз на Спасовски отколку на Илиевски, бидејќи Спасовски беше најголем сдсмовски авторитет во Куманово, поради што, многу логично, Димитриевски водеше кампања против него.

Така, довчерашниот потпретседател и генерален секретар на СДСМ доживеа целосна делегитимизација со поразот во родното Куманово, но тие избори беа генерална делегитимизација на целото партиско раководство. Арно ама, ако Заев, Шекеринска и сите водечки функционери се повлекоа безмалку целосно од политиката, Спасовски плати цена само со повлекување партиската функција, бидејќи остана на чело на моќното Министерство за внатрешни работи.

ЛОЈАЛНА СТРУКТУРА

Иако Спасовски не е во најтесното раководство сместено во Извршниот одбор, тој може редовно да се види на партиски настани и активности. Одредени информации говорат дека тој применува еден методичен и систематски пристап, пред се во односот со членството, но не со цел да се наметне како иден претседателски кандидат, туку за да се позиционира што подобро при идните внатрепартиски разврски.

Како типичен партиски лик, чиј идентитет е определен од партиски ангажмани и функции, а не од резултати и постигнувања надвор од политиката, Спасовски е свесен дека негова најголема предност е базата. Но, тоа е лоша препорака за реализација на неговите амбиции за шеф на државата, какви што несомнено имаше во пресрет на претходните избори пред 5 години.

Тогаш, како што дознаваме, тој пред блиски луѓе презентирал резултати од анкети, кои покажувале дека и не стоел така лошо како што говореле анкетите што се сметале за релевантни на Бихаќка. Арно ама, дали се уште тлеат ваквите амбиции кај Спасовски? Или, пак, во меѓувреме тој ги сменил приоритетите, дотолку повеќе што во изминативе години СДСМ стана аутсајдер на политичката сцена?

Во тој контекст, познавачите посочуваат дека шефот на полицијата попрво би ги чекал идните постизборни разврски во СДСМ, отколку директно да влезе во неизвесна изборна трка на избори за шеф на државата. Тоа значи дека доколку СДСМ претрпе тежок пораз на претседателските избори, но пред се на парламентарните избори, Спасовски би скокнал во битка за нов партиски лидер.

Токму во таа насока многумина го толкуваат неговото однесување да носи одлуки на своја рака, пред се во делот на вработување во МВР. И покрај тоа што во СДСМ имале договор овој период од една година пред избори секое вработување темелно да мине низ партиските филтри, сепак, вработувањата во МВР биле дискрециона одлука на министерот и не го минале партискиот ред. Во некои партиски кругови, тоа се интерпретира дека Спасовски создава и засилува своја лојална структура.

Сепак, амбициите, какви и да се, сами по себе не се доволни, туку за да се реализираат, треба да се исполнат низа предуслови, или народски кажано – да се наредат коцките. А тоа би значело дека, за Спасовски да влезе во трка за лидер на СДСМ, ќе треба Ковачевски да му ја ослободи фотелјата. Но, дали тоа ќе се случи?

ЛИДЕРСКА СМЕНА?

За потсетување, лидерот во СДСМ веќе не се избира по делегатски систем, кој лесно може да се контролира од која било партиска врхушка, туку од страна на целокупното партиско членство по пат на непосредно гласање. На таков начин се случи реизборот на Заев на лидерската функција, како и изборот на Ковачевски откако Заев одлучи да се повлече по поразот на локалните избори.

Од таа гледна точка, дел од аналитичарите сметаат дека Спасовски, Заев или некој друг со поголемо партиско педигре може реално да го предизвика Ковачевски. Но, треба да се има во предвид дека Ковачевски веќе се етаблираше како партиски лидер, додека заедно со генералниот секретар Миле Зечевиќ и раководството се повеќе ги земаат конците во свои раце.

Според оние што го познаваат, Спасовски не презема непредвидлив ризик, туку трпеливо си ја чека приликата. Воедно, мора да се знае дека тој му бил шеф на кабинет на таткото на премиерот – Слободан Ковачевски, во времето кога бил градоначалник на Куманово, па тешко може да се поверува дека Спасовски би тргнал против помладиот Ковачевски, доколку тој одлучи и во иднина да го води СДСМ.

Но, сосема друга ситуација е ако Ковачевски сам се повлече од функцијата, како резултат на изборен пораз, или пак како последица на други причини. Во такво сценарио, Спасовски речиси сигурно би влегол во трка за партиски лидер, при што се проценува дека би добил поддршка од Заев, со кого задржа коректни односи и кога работите беа на климави нозе, откако, на пример, Заев одлучи да го реафирмира моделот за заедничко владеење со ВМРО-ДПМНЕ.

Но, при таков распоред на силите може многу лесно да се случи да се издвои еден урбан скопски фронт, кој би исфрлил противкандидат од Скопје. Многумина во СДСМ, меѓу кои и поранешниот лидер Бранко Црвенковски, ја застапуваат тезата дека СДСМ по Заев треба долгорочно да го води човек од скопското крило, ако сака да преживее. Исто така, тие сметаат дека партијата треба суштински да се ребрендира, но тоа е друга тема.

Клучното прашање е дали Ковачевски ќе одлучи да се повлече при изборен неуспех или пак нема да се помири со краток век на владеење, ќе му проработи тврдоглавоста и ќе продолжи да го води СДСМ? Неодамна, излегоа информации, кои ги експлоатираше опозицијата, дека Ковачевски влегол во кавга со сопартијци и, револтиран дека му работеле зад грб, сакал да поднесе оставка, несакајќи да биде стечаен управник. Сепак, тој ги демантираше таквите тврдења.

РЕДОТ НА ИЗБОРИТЕ

Пред две седмици, анализиравме дали следните претседателски избори ќе се одржат во пакет со парламентарни избори, пред нив или по нив, од причина што од тоа делумно ќе зависи и кадровскиот избор на партиите и нивните коалиции. Односно, дали ќе одат со тврдо партиско решение ако прогнозираат сигурна победа, или пак, од страв од можен пораз, ќе мора да трагаат по натпартиско решение.

Ако се запазат законски дефинираните рокови, тогаш треба да се одржат прво претседателски и набргу потоа и парламентарни избори. Иако порационално би било да се скратат парламентарните и да се спојат со претседателските избори, со што би се спровеле во еден трошок и би се овозможила поголема мобилизација, сепак, СДСМ заговара одвоени избори едно по друго.

На тој начин, СДСМ по евентуален неуспех во процесот на уставни измени сака на претседателски избори да го тестира најавуваат европски блок, што би го формирале со ДУИ и АА, во обид да го свртат расположението во пресрет на парламентарните избори. При споени избори, тоа би било потешко, бидејќи ДУИ и Алијанса се против предизборна коалиција, а веројатно против ќе има и СДСМ, бидејќи ќе настрадаат од националистичкиот антиалбански наратив на опозицијата.

Првично, ВМРО-ДПМНЕ најави бојкот на претседателските избори ако не се спојат со парламентарни, но новите сигнали говорат дека ќе учествуваат во секој случај, охрабрени од последните анкети кои покажуваат дека нивниот кандидат има 2 проценти пред кандидатот на СДСМ, ДУИ и АА. Порано, тие сметаа и на другите албански партии, меѓутоа БЕСА и Алтернатива веќе се позиционираат на анти-ДУИ основа и ќе одат во еден албански блок.

Во тој поглед, можноста за споени избори е речиси невозможна, бидејќи веќе ниту опозицијата не инсистира на тоа, Но, постои една друга опција – парламентарните избори да ги претркаат претседателските, ако ВМРО-ДПМНЕ успее да ги избоксува со „помалите“ партнери во власта, кои се незадоволни поради тоа што не поминува нивното барање за една изборна единица, а Мицкоски е подготвен да излезе во пресрет на таквите барања.

Ако ВМРО-ДПМНЕ успее во овој план, тогаш смета дека ќе постигне убедлива победа на изборите за пратеници, што би значело дека уште полесно би поминале на следните претседателски избори. Во таков случај, би оделе со тврдо партиско решение, со човек во кој би имале целосна доверба и би избегнале разврска како со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која ја поддржаа како независен кандидат и потоа се разидоа.

ДОВОЛНО БЛИСКУ И ДАЛЕКУ

Доколку претседателските избори се пред парламентарните или пак ако се споени, сеедно, тогаш и ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да го повтори моделот од претходните избори, кога истрча со Силјановска-Давкова. Таа не излезе од партискиот шинел, беше непартиски кандидат со партиска поддршка, но во минатото артикулираше ставови кои беа на иста линија со опозицијата, пред се на крупните прашања како законот за двојазичност, Преспанскиот договор итн.

Неофицијално, во партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ има различни мислења дали таа повторно да биде претседателски кандидат. Едни сметаат дека веќе загубила и не треба губитник повторно да влезе во изборна трка. Но, други сметаат дека нејзиниот тесен пораз бил добар резултат во ситуација кога Пендаровски одвај победи со голема владејачка коалиција зад себе. Аргумент плус е фактот што и Пендаровски победи од вторпат, исто како и Заев.

Сепак, доколку преовлада мислењето Силјановска да остане во парламентот и повторно да биде носител на пратеничката листа во првата изборна единица, како увертива за нејзина номинација спикер во парламентот, тогаш  кој ќе биде адутот на власта? Она што е сигурно, тој би бил дел раководството или близок до него, но сигурно нема да биде партискиот лидер Мицкоски или некој од потпретседателите Николоски, Мисајловски, Муцунски.

Во таа насока, како можни кандидати за претседател се споменуваат членот на Извршниот комитет Сашо Клековски, кој порано беше дел од невладиниот сектор, а сега се занимава со приватен бизнис. Исто така, во одредени комбинаторики влегува и Трајко Славевски, кој како универзитетски професор и партиски функционер е добра спојка на партиски кадар, ама стручен, кој воедно во минатото покажал интегритет.

Веќе подолго време, како можен кандидат на опозицијата се врти името на претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, кој во минатото испорачуваше низа критики кон власта. Наводно, тој обезбедил поддршка од Левица и преку одделни канали побарал поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, за да не се комплицираат состојбите во опозицискиот фронт. Арно ама, времето ќе покаже дали тој ќе биде прифатлив за Мицкоски или сепак најголемата опозициска партија ќе оди со човек кој е малку повеќе прифатлив и за Албанците.

Паралелно со тоа, во јавноста се повеќе се активираат пензионирани професори, поранешни дипломати, уставотворци и други, слободно може да се каже, респектирани луѓе во своето време и своите кругови. Нивното зачестено појавување се толкува како обид да го привлечат вниманието на политичките партии, за да ги исфрлат како свои кандидати за претседатели. Ќе видиме дали нивниот есап дома ќе излезе и на (политичкиот) пазар.

 

Што говореше Спасовски?
РАНО Е ЗА КОМБИНАТОРИКИ, СЕКОГАШ ЌЕ ДАВАМ ПОДДРШКА НА СДСМ!

Актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој беше и технички премиер во пржинската влада што ги спроведе последните парламентарни избори, неодамна изјави дека не сака да ги обелодени своите планови за политичката кариера во иднина, со оглед на тоа што му останува уште една година владеење со МВР.

Моите политички амбиции се да ги оствариме целите на државата. Исто како кога како премиер бев дел од потпишувањето на протоколот за членството во НАТО или подигањето на македонското знаме пред НАТО. Следната цел која силно ја посакувам е токму членството во ЕУ – рече Спасовски минатиот месец за Радио Слободна Европа.

Претходно, пак, кон крајот на ланската година на прашањето дали размислува да биде можен кандидат за претседател на државата на следните избори, тој на Канал 5 рече дека е рано е да се прават какви било комбинаторики.

Не е ниту момент, ниту време да се занимаваме со некакви кадровски комбинаторики, со некакви лични можеби видувања на состојбите, амбиции, бидејќи сега е моментот кога имаме сериозна енергетска и економска криза и треба сите максимално да се насочиме во тој дел. Секако дека ќе дојде моментот и ќе разговараме и на такви теми – рече Спасовски.

На прашањето зошто не се кандидираше за лидер на СДСМ, пак, Спасовски посочи дека тоа е проценка, бидејќи во тој бил дел од раководството на чело со Зоран Заев кој се повлече, па сметал дека треба да се даде шанса и на други луѓе.

Тоа е добро за демократијата внатре во партијата, тоа е добро за државата, затоа што секогаш СДСМ има голем кадровски потенцијал. Секогаш ќе имате забелешки, никогаш работите нема да бидат црно-бело. Јас сум тука, давам и ќе давам поддршка секогаш на СДСМ, заради тоа што идејата на социјалдемократијата е многу посебна за општества како што е македонското општество – нагласи Спасовски.

Во меѓувреме, амбиција повторно да се кандидира за лидер на СДСМ јавно пројави директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, кој се кандидираше и на минатите внатрепартиски избори, на кои Димитар Ковачевски убедливо победи.

Поврзани новости