Невремето што трет ден ги погоди Британија, северна Германија и јужна Скандинавија со себе донесе силни ветрови, обилни врнежи и бури кои предизвикаа поплави, прекин на електричната енергија, евакуација на населението и прекин на воздушниот, железничкиот и поморскиот сообраќај.
Од четвртокот, најмалку четири лица загинаа во невремето, кое Метеоролошката канцеларија на ОК го нарече „Бабет“, објави АП.
Последната жртва е 33-годишна жена која вчера попладне загинала кога дрво паднало врз нејзиниот автомобил на островот Фемарн во Балтичкото Море.
Во Англија и Шкотска вчера и во четврток загинаа три лица.
Ветровите предизвикаа бури на јужните брегови на Балтичкото Море, нарушувајќи ја заштитата од поплави во крајбрежните области на Данска и северна Германија.
Во Фленсбург, германски град јужно од границата со Данска, нивото на водата се зголеми за повеќе од два метри до највисокото ниво забележано во последните 100 години.
Од безбедносни причини во поплавените делови од градот е исклучена струјата.
Фериботите и железничките линии беа привремено суспендирани во погодените области во Германија, Данска и јужна Шведска.
Аеродромот во Копенхаген вчера откажа 142 лета поради невремето, но утринава ги обнови летовите. Населението е евакуирано од куќите и камповите во тешко погодените области во Данска, а десетици луѓе се без струја.
Општина Хадерслев на југот на Данска одлучи да го евакуира целиот брег.
Во Шкотска денеска се прогнозираат врнежи од 100 милиметри, а неколку градови остануваат под црвено метео предупредување, највисоко ниво, што значи дека постои ризик по живот.
Во најпогодениот град Бречин, на жителите на повеќе од 300 домови им беше кажано да се евакуираат пред реката Јужен Еск да излее од коритата вчера, издигнувајќи се речиси четири метри над нормалното ниво и излевајќи се на улиците.
Аеродромот Лидс-Бредфорд на северот на Англија и денеска е затворен.