Едно од најкомплексните економски прашања изминативе десетина години, привлекувањето на странски директни инвестиции генерираше низа на прашања и отвори многу контроверзи во јавноста. Дали поволностите што ги добиваат странските компании во слободните економски зони се исплатливи? Дали ако истите пари правилно се насочеа во македонската економија, ефектите ќе беа многу поуверливи? Дали начинот на кој работат странските компании во земјава е понижувачки за македонските работници? Постојат низа на неодговорени прашања, а до вистинските одговори веројатно ќе пројде многу време, барем тогаш кога ќе се зголеми отчетноста на носителите на јавни функции кон јавноста и новинарите. Дотогаш останува да се погодува или да се работи со оние бројки кои се јавно достапни, а тие бездруго ќе покажат дека, ниту е ѓаволот толку црн, ниту ангелот толку бел, кога станува збор за ова, едно од најексплоатираните прашања во медиумите и јавноста.
Голем дел од домашната експертска и бизнис јавност имаше и се уште има дилеми дали се оправдани високите трошоци што се прават за привлекување на овие инвестиции. Државата одвојува огромни суми за привлекување на странските компании. Тоа се случува преку повеќе ставки во буџетот, кои, повторно тешко може да се измерат. Организација на Роуд Шоуа по целиот свет, внатрешни бенефиции во облик на ослободување од царини, даноци (персонален и данок на добивка) и други давачки, ослободувања од градежни надоместоци, внатрешна инфраструктура во изградбата на технолошките зони (ТИРЗ) и слично. Се разбира тука е и директната помош за која нема релевантни податоци, а досега некои компании веќе се пофалија за милионски суми евра добиени како субвенции од државата.
Но, да одиме по ред. Анализата направена во рамки на проектот FISCAST: Градење капацитет и алатки за фискална одговорност, одржливост и транспарентност во Македонија, спроведен од Finance Think, покажува позитивна додадена економска вредност на странските инвестиции, изразено во апсолутни бројки што е и очекувано.
ИЗВОЗОТ НАЈГОЛЕМ БЕНЕФИТ ОД СТРАНСКИТЕ КОМПАНИИ
Ако се пресметаат бројките за бенефитите и трошоците базирани на официјалните и достапни за јавноста информации ќе се види дека вкупниот бенефит, изразен како дисконтирана нето додадената вредност, за државата изнесува околу 11, 8 милијарди денари (192 милиони евра) за периодот од 2006 та до 2014 година, а ако се направи проекција на движењата до 2020 та година вкупниот бенефит, пресметан на истиот начин, се зголемува достигнувајќи до бројка од 35 милијарди денари (570 милиони евра).
Во анализата беа опфатени 14 Странски директни инвестиции (СДИ), кои се во зоните: „Вистеон електроникс Македонија“, „Ван Хол“ (Илинден), „Дрекслмајер“ (Кавадарци), „Џонсон мети“ (Бунарџик), „Витек“ (Илинден), „Кромберт и Шуберт“ (Битола), „Џонсон контролс“ (Штип), „Кемет електроникс“ (Скопје), „Истем медикал“ (Илинден), „Продис“ (Илинден), „Макдија“ (Илинден), „Про компо адвентиџ технолоџис“ (Јегуновце) и „АРЦ аутомотив Македонија“ (Илинден) и „Макдија“ (Скопје).
Како база за пресметка на трошоците потребни за функционирање на фирмите се земени официјалните податоци за парите потребни за функционирање на Агенцијата за странски директни инвестиции и промоција на извоз на Република Македонија (АСИПИРМ), за функционирање на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), трошоците за уредување, изградба и за развој на зоните, како и загубениот приход по основа на ослободување од плаќање данок на добивка во период од 10 години за СДИ во ТИРЗ и за индустриските зони „Жабени“ и „Телот“, но и загубениот приход по основа ослободување од плаќање персонален данок на доход во период од 10 години за вработените во СДИ.
Како база за пресметка на придобивките од функционирањето на овие компании пак се земени, исплатени плати на вработени во СДИ, подобрување на трговскиот биланс на државата како резултат на СДИ (нето), исплатите за социјално осигурување, бенефитите за домашните претпријатија што се остваруваат преку соработка на домашни фирми со СДИ, како и проценки за ефектите од пренесување на know-how и технолошки прогрес.
Ако се погледнат неколкуте најзначајни пункта од овие ставки ќе се види дека трошоците што влијаат најмногу врз оваа стратегија се трошоците за развој на ТИРЗ, буџетот на АСИПИРМ и загубениот приход од персонален данок. Од страна на придобивките, најголемиот ќар државата го има од нето-извозот на овие фирми, исплатените плати и од технолошкиот прогрес.
-Од 2006 до 2014 се исплатени нето плати во вреднос од 49 милиони евра, а се очекува оваа бројка да порасне до 271 милиони евра до 2020 та година.
-Нето извозот (разлика меѓу увозот на репроматеријал потребни за производство и извозот) што го оствариле компаниите во периодот од 2006та до 2014 та година изнесува околу 250 милиони евра, додека ако ги земеме и предвидените биланси од 2015 до 2020 оваа бројка би се кренала на 795 милиони евра.
„Овие компании имаат значително влијание врз извозот. Учеството од 31,87 проценти во вкупниот извоз на РМ и подобрената покриеност на извозот во однос на увозот укажува дека овие СДИ влијаат позитивно на извозот. Исто така, соработката со домашните фирми укажува дека до некој степен има позитивно влијание на регионалниот развој и на технолошкиот прогрес врз македонската економија“ пишува во истражувањето.
-Влогот на државата во целиот проект привлекување на странски инвестиции во ТИРЗ изнесува околу 134 милиони евра за периодот 2006 – 2014, а вкупно до 2020 та година се очекува да биде околу 321 милиони евра.
Кога се ќе се собере и одземе, анализираните податоци покажуваат позитивна вредност.
„Според резултатите и анализата за трошоци и за придобивки може да се каже дека оваа стратегија нуди повеќе придобивки отколку трошоци. Фактот дека за секој денар потрошен за оваа стратегија, државата има поврат од 5,38 денари несомнено означува дека стратегијата во нашата анализа дава позитивни резултати“ пишуваат истражувачите во рамки на ФИСКАСТ.
Како релативна големина, нето додадената вредност е проценета на околу 0,85% од бруто домашниот производ просечно годишно во анализираниот период.
ЗАБОРАВИ ЛИ ДРЖАВАТА НА ДОМАШНИТЕ БИЗНИСМЕНИ
Сепак, постојат голем број на неодговорени прашања, кои во моментов се тешко мерливи. Домашните бизнисмени веќе со години предупредуваат дека со овој однос, државата е за едни фирми мајка, за други маќеа.
Претседателот на комората на северозападна Македонија Неби Хоџа неодамна изјави дека иако билансот во трговската размена се подобрува, дека единствениот вистински ќар од СДИ се платите што остануваат за вработените.
„Од горенаведените ослободувања, субвенции или поволности за странските инвеститиори ние како земја добиваме само големи трошоци за нивното доаѓање, додека пак за возврат добиваме вработувања со ниски плата. Ако гледаме низ бројки, тоа изгледа добро бидејќи имаме покривање на увозот со извоз од 70%, но од тој износ странските компании кои ја менуваат и структурата и волуменот на извозот во нашата земја, ги оставаат само платите, и тоа ниските плати на вработeните и воедно ја оптоваруваат буџетската каса бидејќи за тие вработени државата плаќа даноци и придонеси и слично. Овие политики не се ефективни за економскиот развој на земјата и секако дека не ги дадоа очекуваните резултати“ смета Неби Хоџа.
Од друга страна владините претставници потенцираат дека ефектите се добри, а дека допрва ќе се зголемуваат, и дека субвенциите се отворени и за домашните фирми.
„Поволностите кои се нудат во ТИРЗ за странските компании односно за компаниите кои се основани со странски капитал се во целост исти и за домашните компании. Сите без разлика од потеклото на капиталот се домашно регистрирани за да ги добијат овие поволности. И Џонсон Контролс и Џонсон Мети се пред се домашно регистрирани компании и како такви аплицираат за сите тие поволности“, рече неодамна директорот на Дирекцијата за технолошко – развојни индустриски зони (ДТРИЗ), Виктор Мизо.
ДРЖАВАТА ТРЕБА ДА ПОКАЖЕ ПОГОЛЕМА ОТЧЕТНОСТ
Сепак, за да бидат уверливи и податоците кои ги презентира Владата, но и за да се добие целосна слика за улогата на странските компании во македонската економија, недостасуваат целосни податоци. И самите изготвувачи на анализата за проекот ФИСКАСТ имаат одредени резерви кон податоците со кои располагаат.
„Мора да се признае дека иако нашата анализа се потпираше на квантификување факти и податоци преземани од соодветни извори од надлежните државни органи, се соочивме со проблеми кога сакавме поточни и подетални информации. Така што, иако нашите податоци се соодветни, не можеме да гарантираме нивна целосна вистинитост. Една од причините за тоа е дека користиме податоци од Буџетот на Република Македонија, а не од завршните сметки. Завршните сметки означуваат подетален извештај за тоа колку трошоци се реализирани од планираното според Буџетот на Република Македонија. Втората причината за ова е тоа што кога контактиравме со надлежните органи со барања за пристап до информации од јавен карактер, ниеден од органите не ни достави податоци и информации за деталите што ги имавме побарано. Според членот 21 од Законот за пристап до информации од јавен карактер, до денот на поднесување на анализата е истечен законскиот рок од 30 дена во кој институциите се должни да одговорат на барањето“ пишува во анализата.
Оваа анализа секако не пледира да даде одговор на некои отворени прашања, како на пример, што доколку парите употребени за привлекување на овие инвеститори беа на друг начин насочени директно во домашната економија, ниту пак може да го измери чувството на среќа што го имаат вработените во овие инвестиции, а тешко можат да се предвидат и ризиците што претстојат во наредниот период, како опасноста од заминување на инвеститорите, тогаш кога субвенциите кои ги добиваат во разна форма ќе завршат.
Факт е дека и во други држави на балканот се користат слични бенефиции и мерки, бидејќи во глобалната трка по пари, конкуренцијата е голема. Она што е јасно е дека секогаш е подобро Македонија да биде дел од глобалните текови, одошто да каска. Од тој аспект може да се оправда политиката за привлекување на инвеститори, но никако не смее да се заборави улогата на домашната бизнис заедница, чие учество во создавањето на БДП и натаму е грандиозно во споредба со странците.