Според извештаите и бројките објавени денеска, како последица на топлотниот бран што го погоди Пиринејскиот Полуостров во последните недели починаа стотици луѓе.
Најмалку 360 луѓе починаа од 10 јули поради топлотниот бран во Шпанија со температури над 40 степени, објави денеска весникот Ла Вангардија, цитирајќи податоци од државниот здравствен институт Карлос Трети.
Само вчера, кога температурите се искачија до 45 степени во некои делови на Шпанија, 123 лица починаа од причини поврзани со екстремните горештини. Високи температури го зафатија југот на Европа оваа недела, а причината се климатските промени.
Во соседна Португалија, меѓу 7 и 13 јули се регистрирани 238 повеќе смртни случаи отколку во претходните години, јави новинската агенција Луса. Тие смртни случаи се припишуваат на екстремно топлото време, а не само на коронавирусот, се додава во извештајот.
Во повеќето случаи, жртви се оние кои ослабеле поради старост или претходни болести, пишува Ла Вангардија. Властите на полуостровот итно ги советуваат луѓето да пијат повеќе вода, да ги одложат физичките напорни активности и по можност да излегуваат од дома само наутро или навечер.
Мало олеснување се очекува во наредните денови кога на повеќе места температурите би требало да паднат под 40 степени.
Топлината и долготрајната суша предизвикаа и бројни катастрофални пожари во Шпанија и Португалија