Стопанската комора ќе ги анкетира своите компании членки пред да ги сумира оценките за новите економски мерки на владата за справување со последиците од коронавирусот. Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора за економски прашања вели дека во овој момент можат да се дадат само некои принципиелни согледувања за вчера објавениот втор сет мерки.
„Јасно е дека неповолните економски случувања, поврзани со коронавирус-кризата, негативно се одразуваат на буџетот на државата. Оттаму, станува јасно дека во моментов Владата располага со ограничени финансиски ресурси и тоа е факт што влијае на дизајнот на мерките. Имајќи го предвид овој ограничувачки елемент, споредбите со други земји кои имаат поголем финансиски капацитет, тековен или потенцијален, во суштина не помагаат“,- смета Јовановски.
Според него, во услови на висок степен на неизвесност за тоа што носи иднината во поглед на рестартирањето на економијата и полнењето на буџетот на државата, нашата перцепција е дека Владата се подготвува за креирање на финансиски капацитет што ќе може да ги поддржува економските мерки и во малку подолг временски период. Тој смета дека тоа значи оти всушност се прави распоред на силите и на финансиските средства.
„ Ние претпоставуваме дека ова не е последниот сет на мерки и дека ќе следат нови штом државата ќе обезбеди дополнителни финансиски средства по пат на позајмување. Всушност, тогаш и ќе можеме да ја согледаме целината на мерките и неа соодветно да ја оцениме, “- вели Јовановски.