Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска престојуваше во ненајавена посета на Киев. Тој изјави дека украинските сили „постепено освојуваат терен“ во контраофанзивата против руските сили.
„Секој метар што украинските сили го земаат назад е метар што Русија го губи“, рече Столтенберг на прес-конференцијата со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„И тука има голема разлика. Украинците се борат за своите семејства, својата иднина, својата слобода. Москва се бори за империјални заблуди“, рече тој.
Зеленски, пак, ја истакна потребата на Украина за поголема воздушна одбрана од руските напади. Тој изјави дека Москва само синоќа употребила повеќе од 40 дронови во нападите врз Украина.
„И така е речиси секоја вечер. Во услови на такви интензивни напади врз Украинците, врз нашите градови и пристаништа кои се важни за глобалната безбедност на храната, потребно ни е соодветно зголемување на притисокот врз Русија и соодветно зголемување на нашиот воздушен штит“, порача Зеленски.
Столтенберг рече дека „постојано ги повикува“ сојузниците на НАТО да ѝ пружат поголема поддршка на Украина и да ја забрзаат испораката на системите за противвоздушна одбрана.