Столтенберг: Членките на НАТО учествуваат во обезбедување на повеќе оружје за Украина

by fokus

Членките на НАТО тесно соработуваат со одбранбениот сектор за да обезбедат Украина да добие повеќе залихи со оружје и опрема и да е подготвена за долготрајна војна со Русија, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

– Обезбедуваме голема поддршка, но мораме да направиме уште повеќе и да се подготвиме за подолг рок, рече Столтенберг. – Затоа, сега сме во близок контакт и тесно соработуваме со одбранбената индустрија за да произведеме повеќе и да испорачаме повеќе различни видови муниција и оружје за зајакнување на одбранбениот капацитет, рече тој.

Во последниве месеци, САД и другите западни земји почнаа да ја снабдуваат Украина со понапредни конвенционални системи оружје, вклучително и високомобилни артилериски ракетни системи (HIMARS) кои се попрецизни и имаат поголем дострел.

Во одделен говор пред активистите на Норвешката Лабуристичка партија, Столтенберг рече дека руската инвазија на Украина доведе до најопасниот момент за Европа од крајот на Втората светска војна и дека Русија не смее да победи. Тој, исто така, го обвини рускиот претседател Владимир Путин за „непромислена и опасна“ реторика во врска со потенцијалната употреба на нуклеарно оружје. Столтенберг го повтори својот став дека војната најверојатно ќе заврши дури по преговори.

Поврзани новости