Стојановски: Шекеринска да не се крие и да признае дека Предлог законот за служба во Армијата не е добро решение

by fokus

Пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски смета дека Предлог законот за служба во Армијата не е добро законско решение, бидејќи, според него, не е во интерес на војниците и персоналот на Армијата.

-Ја повикуваме министерката Шекеринска да не се крие позади колегите пратеници од власта и конечно да признае и да прифати дека Предлог законот за служба во Армијата на Република Македонија не е добро законско решение бидејќи потенцирам, не е во интерес на војниците и персоналот на Армијата на Република Македонија, изјави за медиумите Стојаноски денеска во Кристалната сала на Собранието.

Тој додаде дека нивните барања и забелешки се суштински, јасни и прецизни.

-Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата преку амандмани бара подобрување на условите за пензионирање и давање на можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на закон со остварување на право на пензија со навршување на 40 години стаж или со навршување на 55 години возраст. Со предлогот на Шекеринска ова не е предвидено и оттука по автоматизам се губи смислата и потребата од бенефициран стаж. Другата суштинска забелешка е да се изврши корекција во висината на пензијата и на воениот и на цивилниот персонал на кој од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на овој закон им престанал работниот однос согласно законите за служба во Армијата кои важеле во времето на остварување на правото на пензија, рече Стојаноски.

Според него, доколку СДСМ, Шекеринска и пратениците од владејачкото мнозинство се искрени во тоа што го говорат имаат шанса, како што рече, да го покажат тоа на дело веднаш и за тоа имаат две опции.

– Првата опција е да го прифатат нашиот Предлог закон кој впрочем е ист со предлогот од Владата надополнет со нашите суштински забелешки и втората опција, да ги прифатат нашите суштински амандмани и уште денес, да се закаже седница и сите заедно да го донесеме ова законско решение, рече Стојаноски.

Поврзани новости