На Стојанче Јованов, кој денеска беше осуден на 12-годишна затворска казна, за смртта на неговата сопруга Ивана и шестгодишната ќерка Катја, Кривичниот суд му ја досуди максималната предвидена казна.
Поточно, Јовановски беше обвинет за три кривични дела – телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство. Јовановски беше осуден и прогласен за виновен за сите три дела и за сите поединечно ја доби предвидената максимална казна. За телесна повреда доби 5 години, за загрозување на сигурноста 3 години и за наведување и помагање во самоубиство 5 години. Судијата Ивица Стефановски посочи дека му се изрекува единствената затворска казна од 12 години, која пак мора да биде пониска од вкупниот збир на поединечните.
-Кога има стек на кривични дела, казната се одмерува согласно со член 44 од Кривичниот законик. Во конкретниот случај, за кривичните дела кои му се ставаат на товар на обвинетиот: за кривичното дело од член 130 став 2 предвидена е казна затвор од шест месеци до пет години, за кривично дело од член 144 став 3 предвидена е казна затвор од три месеци до три години и за кривичното дело од член 128 став 4 предвидена е казна затвор од шест месеци до пет години. Како на обвинетиот му беа изречени максималните казни за секое поединечно дело, согласно со член 44 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, за кривични дела во стек утврдил казна затвор, единствената казна мора да биде поголема од секоја одделна утврдена казна, но не смее да го достигне збирот на утврдените казни, ниту да премине 20 години затвор. Така, во овој случај вкупниот збир на казните за сите три дела е 13 години, а како единствената мора да биде поголема од секоја одделна казна, но не смее да го достигне збирот на утврдените казни, утврдена му е единствена казна затвор во траење од 12 години, појаснуваат од Кривичниот суд.

В.В.