Демографските промени се реалност што бара одговорност, визија и системски политики, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Регионалната министерска конференција „Предводење на промените: Патеки кон демографска отпорност согласно потребите на луѓето“, што се одржува во Скопје во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНФПА, под покровителство на Владата.
– Подолго време многу држави, вклучително и во нашиот регион, овие промени ги гледаа исклучиво низ призмата на бројките – колку нè има помалку, колку старееме, колку луѓе заминуваат. Таа таканаречена демографска вознемиреност често создаваше политики што реагираа доцна, фрагментирано и без долгорочна визија. Но суштината не е само во бројките. Суштината е во квалитетот на животот, во довербата што граѓаните ја имаат кон сопствената држава, во чувството дека тука можат да создадат дом, семејство, кариера и иднина – нагласи премиерот.
Според него, клучниот проблем е јазот во демографската отпорност, односно неподготвеноста навреме да се препознаат и менаџираат промените.
– Нашиот пристап е јасен: наместо политика на страв, градиме политика на отпорност, наместо краткорочни мерки, создаваме долгорочна стратегија, наместо декларативни заложби, поставуваме системски решенија. Токму затоа ја подготвивме новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046 – не како формален документ што ќе остане на хартија, туку како национална рамка за иднината на државата – рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека основата на стратегијата е вложувањето во луѓето и испрати порака за личната и колективната одговорност.
– Конечно сите ние треба да си го поставиме прашањето што можеме ние да направиме за татковината, а не што татковината може да направи за нас. Не можеме континуирано да го трошиме системот. Не можеме континуирано да го злоупотребуваме системот, а истовремено да бараме тој истиот систем да ни враќа со најдобри политики и најдобри услови. Мораме да бидеме свесни дека системот сме ние – и каков систем ќе изградиме, таков систем ќе ни врати – рече Мицкоски.
До младите упати порака дека треба да сонуваа дома.
– Дома треба да сонуваме и дома треба да ја градиме нашата заедничка иднина, во нашата заедничка татковина. Колку посилно сонуваме и колку посилно работиме дома, толку посилен систем ќе имаме. Не придонесувајте во туѓи економии – иднината на вашата татковина се гради дома – рече премиерот.