Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска на прес-конференција на прашање дали партијата ќе се приклучи кон Манифестот на парламентарните партии кој што го предложи власта рече „Со овој чекор власта уште еднаш ја испушта можноста за консензус. Имено седнале Бујар Османи, Артан Груби и можеби Бојан Маричиќ напишале документ кој го насловиле манифест и откако самите го дефинирале го пуштаат во форма на соопштение преку сервисната служба на СДС до јавност со повик до ВМРО-ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ. Освен тоа што со овој чекор тие признаваат дека не мрднале ниту милиметар во насока на остварување на стратешките интереси на државата, тие покажуваат отсуство на целосен капацитет за градење на консензус“.
Тој напомена дека откако „ВМРО-ДПМНЕ официјално ќе го добие овој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став“.