Стигнуваат ли секогаш субвенциите до вистинските земјоделци

by Фокус

Драган Мицкоски е земјоделец од прилепско. Произведува пченица. Тој е еден од земјоделските прозиводители во земјава кој генерално, има пофални зборови за јавната политика на субвенционирање на земјоделското производство на Владата. Вели дека состојбата на македонските земјоделци е многу подобра од пред неколку години, кога, како што објаснува, претходните власти не се грижеле за овој сектор.

Но, еден друг земјоделски производител има речиси дијаметрално спротивно мислење од неговото. Александар Крстевски, земјоделски инжинер и производител на градинарски култури од скопско не користи од владините субвенции. Тој говори дека системот на субвенционирање е направен така што парите не можат да ги добијат вистинските земјоделци. Многуте условувања и формалности го отежнуваат аплицирањето и добивањето на овие средства од државата.

Според Мицкоски, политиката на субвенционирање е позитивна. „Секако дека станува збор за добра мерка на Владата, кој би можел да рече дека таа не е корисна“, вели овој земјоделец. Но, тој не крие дека има и зебелешки, а клучна е доцнењето на парите на сметките на земјоделците. „Мојата забелешка е околу рокот на исплата на субвенциите. Сега се случува тие да задоцнат. Затоа, наша главна препорака е дека треба да се запазува рокот, тие да се исплатуваат точно во законски предвидениот рок. Бидејќи, земјоделците треба да си ги планираат средствата што ги добиваат. Тие им се потребни за набавка на ѓубрива, семиња, пред пролетната или пред есенската сеидба“, објаснува Мицкоски. Тој додава дека ситните производители, кои не користат нов семенски материјал, не добиваат субвенции, додека, пак, покрупните, што сакаат да остварат и повисоки приноси, ги набавуваат новите семиња.

Овој земјоделец има и една конкретен предлог до Владата, а кој се однесува на ИПАРД програмата. Конкретно, како што вели Мицкоски, сега преку оваа програма можат да се набават само трактори до 90 и 110 коњи, но на земјоделските производители кои имаат поголеми површини со пченица, им требаат помоќни трактори. „Јас набавив преку таа програма два трактори од по 110 коњи, по 26.000 евра, и тоа е добро. Но, нам земјоделците со поголеми површини, ни требаат трактори со поголема моќност, па за таа цел наша препорака е преку ИПАРД програмата да може да се набавуваат трактори со моќност над 200 коњски сили“, вели Мицкоски.

Сосема поинаква приказна на своето искуство, пак, раскажува Александар Крстевски, кој не ги користи субвенциите што ги дава државата. „Јас имам користено земјоделски субвенции во 2006 за набавка на трактор, како и во 2007 година за набавка на комора за разладување, тогаш преку Националната програма за рурален развој, кога субвенциите се доделуваа без никакви партиски критериуми. Сега, пак, не користам субвенции по насадена површина, од причина што системот на земјоделските субвенции кај нас е направен така со цел тие да не стигнат кај вистинските земјоделци“, вели Крстевски. Тој смета дека законската регулатива за субвенции треба да биде поинаку направена отколку сега, а не да ги обврзува производителите со серија критериуми и правила, кои тие не можат да ги исполнат. Такви услови се земјоделецот да мора да има склучено договор за закуп, потоа, на поголема површина на едно исто место да има засадена само една земјоделска култура.

„Може да се забележи дека барањата за земјоделски субвенции се поднесуваат токму во одредени периоди од годината кога земјоделците имаат најмногу работа, и сметам дека тоа е намерно направено, со цел да се одвратат од поднесувањето на барањата. Тогаш треба да изгубите 3 до 4 дена по канцеларии, а во тој период тие денови премногу ви значат. Јас мислам дека целта на тоа е што помалку земјоделци да се пријавуваат и да земаат субвенции, а повеќе нив да ги добиваат крупните ’играчи‘ кои влегле во овој бизнис, а кои немаат врска со земјоделството“, вели Крстевски.

Овој производител од 2010 до 2014 година самиот се обидува да дојде до средства од ИПАРД програмата, во која 75 отсто се европски пари, но, како што вели, и до нив патот е многу тежок. Тој преку оваа програма набавил машина што чини 20.000 евра. „Морав да најмам и да платам консултантска куќа за да ми помогне да аплицирам за средствата. Тие навистина професионално си ја завршија работата и средствата од ИПАРД ми беа одобрени, но се уште не ми се префрлени, токму заради нестручност на администрацијата која е задолжена во тој дел за реализација на програмата“, вели Крстевски.

Инаку, неодамна спроведената анализа на проектот „Фискаст: Градење капацитет и алатки за фискална одговорност, одржливост и транспарентност во Македонија“, од економскиот институт „Фајнанс тинк“, покажа дека земјоделските субвенции во изминатите години ја зголемија додадената вредност во земјоделското производство, но тие многу повеќе го имаа ефектот на социјална, а не на развојна економска мерка.

FN

Во периодот од 2007 до 2014 година земјоделските субвенции го чинеле државниот буџет 731,7 милиони евра, во исто време БДП во земјоделството просечно се зголемил за 19,38 отсто во однос на периодот од 2003 до 2006 година. Истражувачите пресметале дека вкупниот бенефит од земјоделските субвенции изнесува околу 713,2 милиони евра, што ја прави оправдана оваа економска мерка. Но, постојат и сериозни недостатоци. „Се доаѓа до заклучок дека јавната политика на субвенционирање на земјоделството е социјална, а не развојна политика“, заклучува студијата.

Во студијата се сугерираат повеќе препораки со кои би се зголемила ефикасноста и ефективноста на субвенциите. Една од нив е предвидените 140 милиони евра кои годишно се слеваат од буџетот во земјоделскиот сектор – да бидат наменети и распределени по соодветната динамика и аплицирање до земјоделските стопанства. Се советува и сите барања од производителите кои исполнуваат услови за субвенции, да се доделуваат по произведен производ со одреден квалитет, а не по обработена површина како сега.

DSC_0023

Студијата сугерира како би било најдобро да се користат буџетските средства за субвенциите. Според неа, 40 отсто од парите треба да одат за модернизација на производството, 30 проценти да се доделат за органско производство, 11 отсто за сортифициран семенски и саден материјал за нови сорти, 9 проценти за стабилизација и стандардизација на процесите, 4 отсто да одат за конкурентни извозни култури, 3 проценти за зголемување на квалитетот на производите, 2 отсто за зголемување на квалитетот на производите и по 0,5 проценти за зголемување и реинвестирање на земјоделското проиизводство и за агрохемиско третирање на почвата.

Студијата сугерира и да се ревидира Националната стратегија за развој на земјоделството и рурален развој, и во неа драстично да се промени политиката на субвенционирање. Односно, да се зголеми субвенционирањето на квалитетот и додадената вредност на производите, да се оди на брендирање на традиционалните и на производите со географско потекло од Македонија, како и да се инвестира во системи за заштеда на енергија. Се советува и да се изготви стратегија со која одделните капацитети од прехранбената индустрија би ги истакнувале потребите од одредени производи, што сега ги набавуваат од увоз. Покрај оваа, добро би било да се поддржи и стратегија за изградба на нови 10 до 15 преработувачки капацитети во земјава за храна. Се советува и попис на земјоделското обработливо земјиште, како и на расположивите ресурси кои можат да се стават во функција на земјоделството.     

Ф.Н.

Поврзани новости