Стигнаа 3.000 руски вакцини Спутник V – амбасадорот вели дека вакцината станува светски „бестселер“

by fokus

На Скопскиот аеродром попладнево пристигна првата пратка вакцини од рускиот производител „Спутник V“. Ги пречекаа министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Руската Федерација во земјава Сергеј Баздникин.

Вакцините, вкупно 3.000, се во соодветно пакување, а ќе се чуваат на – 18 до -20 степени, за што потребната инфраструктура е подготвена. Вакцините ќе бидат ставени во посебни фрижидери, по што ќе се организира и процесот на вакцинација во пунктовите во Здравствениот дом – Скопје. Како што изјави министерот Филипче, вакцинацијата веројатно ќе почне во среда.

Според Филипче, од кинеската вакцина се очекуваат 200.000 дози од кои одредена количина може да дојде за кратко време, но се уште не е точно потврдено кога.

Рускиот амбасадор рече дека вакцината ќе придонесе за спасување човечки животи и за враќање на македонската економија на траекторијата на раст. Тој потсети дека ова e првата регистрирана вакцина против корона во светот и порача дека е безбедна и ефикасна. -Со право станува светски бестселер, рече Баздникин. Тој се уште не е вакциниран и рече дека тоа ќе го направи кога ќе се испорачаат вакцини за руската амбасада во Македонија.

Поврзани новости