ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти оти Владата и премиерот Груевски никогаш не рекле дека „Сахара Груп“ на Субрата Рој ќе инвестира, ниту дека нема да инвестира. Оттаму велат дека Владата единствено соопштила оти компанијата пројавила интерес, а самиот сопственик на компанијата изјавил дека ќе инвестира.
Оваа реакција следи по денешниот прес на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов кој побара вицепремиерот Зоран Ставрески и премиерот Никола Груевски да ги соопштат вкупните штети од склучените бизниси со индискиот тајкун.
– Сите трошоци од случајот „Субрата Рој“ да ги платат од свои џебови, лично Ставрески и Груевски – изјави Шилегов.
Ова, пак, е видео од февруари 2013 година во кое Ставрески вели дека „инвестициите на Субрата Рој во Македонија непречено ќе продолжат“.