Случај „Ровер“: Судот две години знаел дека обвинетите се Босанци, ама упорно ги барал од Србија!?

by fokus

Ослободителна пресуда за сите обвинети во судскиот случај „Ровер“ денеска побараат адвокатите на обвинетите, во своите завршни зборови. Одбраната истакна дека на повтореното судење судот не ги следел насоките на Апелациониот суд, дадени по укинувањето на првостепената пресуда, односно дека повторно не се докажа умислата на обвинетите, како и дека не се приложија нови докази кои ќе укажат на нивна вина.

Адвокатот Дончо Наков, откри и нов пропуст на судот, односно истакна дека не ги испочитувале законските процедури за да ги обезбедат четворицата првоообвинети во случајот, а кои се странски државјани. Досега судот тврдеше дека сите четворица Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ се српски државјани, ама Наков откри дека судот уште пред две години знаел дека Илиќ и Ковачевиќ се државјани на Босна и Херцеговина.

-Судот недостапноста на обвинетите ја базира на документ кој МВР уште во 2012 година го доставил до нив. Но, во документот стои и дека Чубрило и Вукичевиќ се државјани на Србија, а останатите двајца, Илиќ и Ковачевиќ се државјани на Босна и Херцеговина, наведувајќи ги нивните адреси на живеење. Нејасно е зошто судот упорно овие двајца обвинети ги бара од Србија, а не од Босна? Тоа е целосна пречка за да се продолжи процесот, истакна адвокатот Наков во своите завршни зборови.

Наков исто така објасни и дека не е точно дека Љубе Бошкоски, како тогашен министер за внатрешни работи, наредил да не се води истрага за двојното убиество на Маријан Тушевски и Киро Јанев. Истакна дека постои документ кој покажува дека по убиството на лице место излегол и истражен судија и обвинител, а за случајот бил отворен и предмет, кој иако бил побаран како доказ, не им бил доставен.

Наков потсети и дека во времето на убиството, 2001 година, па се до 2006 година, границите биле под надлежност на Министерството за одбрана, а подноцна стануваат надлежност на МВР, па и да сакал да им помогне на извршителите незбележано да ја напуштат државата, тоа не било во негова надлежност.

Адвокатот Драган Гоџо, пак, истакна дека се уште не му е јасно за што точно е обвинет Бошкоски.

-Од подигнувањето на обвинителниот акт па се до денес јас искрено не можам да му објаснам на Бошкоски зошто е обвинет, затоа што и јас не разбирам. Се до пресудата мислев дека проблемот е во мене, ама полесно ми дојде кога и Апелациониот суд посочи дека не го разбрал обвинението, рече Гоџо.

Тој додаде дека обвинетите немале можност за фер судење, бидејќи иако повтореното судење се вршеше пред изменет судски состав, сепак не беше дозволено повторно да се сослушааат сведоците.

Адвокатот Димитар Савовски, пак, го оспори предметот уште од поставувањето на „темелот“.

-Основаноста на сомнението врз кое се бараше истрага, произлезе од разговори водени од обвинителката и х-лица, за кои подоцна се воспостави дека дел се обвинети, а дел сведоци. Законот за кривична постапка не познава вакво процесно дејство, односно записниците водени од обвинителката и лица кои ги повикала без да ги предупреди на нивните права и извести зошто се повикани, не може да ги искористи како доказ, истакна Савовски.

Неговиот колега Константин Кратовалиев, пак, истакна дека иако Апелација побара, на повтореното судење  не се направи опис на дејството што наводно го извршиле обвинетите.

-Повторно се се заснова на една реченица, односно обвинителството посочува само дека: „Љубе Бошкоски извршил психичко помагање“. И толку, рече Кратовалиев.

Тој додаде дека Бошкоски во никој случај не може да се доведе во врска со извршителите на убиството. Со обвинението тој се терети дека му помогнал на наводниот нарачател Орце Коруновски, а според наведените членови од ЗКП му се суди за помагање на извршителите, што е нелогично според адвокатот.

Бошкоски своите завршни зборови ќе ги даде во четврток, за кога е закажано наредното рочиште.

Обвинетиот Сашко Јовановски, кој денеска зборуваше, укажа на сите недостатоци во постапката, потенцирајќи дека се гонел како вработен во МВР, а за време на двојното убиство бил вработен во агенција за обезбедување.

-Мојата судбина и судбината на моето семејство е во ваши раце. Затоа ве молам да ја исправите грешката и да донесете правилна и непристрасна одлука. Се уште не знам зошто 27 месеци во притвор. Обвинението ниту го разберам, ниту пак, некогаш ќе го разберам, рече Јовановски.

Овој случај се приближува кон својот финиш. По давањето на завршните зборови набрзо ќе следува и пресудата. Според првостепената пресуда која падна на Апелација, четворицата првообвинети добија доживотен затвор, Бошкоски беше осуден на 12 години затвор, две години помалку доби Зоран Трајковски, по осум години добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по шест Гоце Митревски и Никола Негриевски.

 

 

Поврзани новости