Четворицата уставни судии Гзиме Старова, Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлиша и Сали Мурати, кои гласаа против Законот за помилување во кој му се даваат ингеренции на претседателот на државата да ги помилува оние кои учествувале во изборни измами и нерегуларности, педофили…излегоа со издвоени мислења зошто биле против да се зголемат ингеренциите на претседателот, а кои се објавени на страната на Уставниот суд.
„По однос на укинатиот член 1 став 3 и 4 кој таксативно набројува на кои лица осудени за определени кривични дела не може да се даде помилување (против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, против здравјето на луѓето по однос на неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и за кривични дела против човечноста и меѓународното право), сметаме дека со оглед на уставната можност за законска дискреција во уредувањето на ова прашање од страна на Собранието, членот не требаше да се укине.
Намерата на законодавецот да оствари двојна превентивна политика (една е запретената казна сопред закон а другата е неможноста за помилување за делото) при определувањето кои кривични дела би биле изземени од можноста нивните сторители да бидат помилувани, односно да го нормира јавниот интерес на граѓаните и да го определи приоритеното степенување на општествената опасност по свое наоѓање, е право на законодавецот кое експлицитно извира од Уставот – се вели во мислењето на четворицата уставни судии.