Старата к**ва Европа и Крлежа

by Fokus

Однесувањето кон нас како да сме мајмуни во Зоолошка, во која европските политичари доаѓаат да нѐ посетат, да се сликаат и да ни фрлат по некоја банана, е навредливо за нас

Пишува Ѕвонко ДАВИДОВИЌ

Мирен, тивок и гостољубив народ со печалбарска судбина, тажни песни и несреќна историја би бил краткиот опис на македонскиот народ. Делен, разделуван, прогонуван, асимилиран, покрстуван, прекрстуван, отсекогаш служел како паричка за поткусурување на големите апетити на балканските хегемонисти и дволичната „стара к**ва“, како што Крлежа ја нарекуваше Европа уште пред сто години.

Ни денес состојбата не е поразлична, а случувањата наликуваат на оние од пред стотина години, кога на 1 март 1913 година, 7 месеци пред потпишувањето на договорот во Букурешт, претставниците на македонската колонија во Петроград, Гаврил КонстантиновичДимитрија ЧуповскиНаце Димов и Александар Везенков потпишале меморандум за независност на Македонија и му го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј, и на амбасадорите на големите сили во Лондон.

БЛУДНА СТАРА МОМА

И тогаш, како и денес, поради сопствените интереси и во отсуство на какво било чувство за реалност и правичност за македонскиот народ, газејќи ги сите меѓународни принципи, големите сили, судбината на Македонија ја оставиле во рацете на тогаш завојуваните балкански држави, кои ја разделиле територијата и народот меѓу себе.

Ниту денес, по повеќе од сто години, дволичноста и двојните аршини на „старата к**ва“ не се сменети и истата наликува на блудна и заблудена стара мома, која во себе има две личности. Таа отсекогаш пропагирала едно, правела друго, а мислела сосема трето.

Нејзините пароли и наводни системски вредности се само голи зборови, еднаквоста, слободата и братството се само празни зборови останати од револуцијата, кои смешно изгледаат во устата на денешните гласноговорници на Европа.

Обединета Европа, со своите наративни и лажни вредности, постојано, со секоја своја постапка, ја покажува својата разединетост и постојано бара и условува некого да стане нешто што не е, или да се откаже од она што е, или да се откаже од она што е негово.

Изминативе години се покажа дека едни правила и услови важат за едни земји и народи, а други правила и услови за други земји.

Каталонија и Косово, Крим и Баскија не се исто за Европа и нејзините правила важат само таму каде што им одговара, а малцинските права, кои толку ги заговараат, зависат од тоа кој ги бара, па за Македонците во Бугарија и Грција не важат, ама Бугарите во Македонија треба и во Уставот да влезат.

Двојните аршини се гледаат и во односот кон Бретања, Баскија, Каталонија и многу други, кои, на овој или на оној начин, се обидуваат да добијат своја држава или поголема автономија.

ИСТОРИСКИ ГРЕШКИ

Повеќе децении, соседна Грција ја блокираше Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија, кршејќи ги сите меѓународни и билатерални спогодби, а Европа молчеше и ѝ вршеше притисок на Македонија.

Го сменивме знамето, па го сменивме името, но ниту тоа не вредеше да се исполни даденото ветување и да се одржи дадениот збор, па Европа уште еднаш го оправда името што ѝ го дал Крлежа.

Архитектите на таквата игра и поигрување со цел еден народ, кои некои аналитичари ја споредуваат со предавството на Трамп и Ердоган на сириските Курди, беше францускиот претседател Макрон поддржан и од Германија.

Дури и тогашниот претседател на Европската комисија, Јункер, ќе изјави дека ова е една голема историска грешка на Европа.

А таквите „грешки“ и дволичности на Европа ги почувствувале многу народи, а една од најголемите е таа што на свој грб ја почувствуваа жртвите на војната во Босна. Цели 4 години, европските лидери мудруваа и беа неми набљудувачи на грозотиите што им се случуваа на луѓето во Босна.

По Грција, соседна Бугарија стапи на сцена, па продолжи таму каде што Грција застана. По знамето и името, на ред дојдоа потеклото и историјата. Од нас се бара, не само да ја ревидираме сопствената историја и корењата, туку се бара да заборавиме и на бугарската срамна фашистичка историја и да ги наречеме ослободители.

Освен Орвел во книга, ова повторно во пракса го осмислува Макрон, кој дрско и ултимативно ни дава рокови да прифатиме нешто што е и навредливо и неприфатливо.

Дури и Таип Ердоган, ваквото однесување на Европа го искористи за жесток коментар, кој ја одразува политиката на Европа, нарекувајќи ги протагонистите на таа политика „преваранти“ што „ги кршат сопствените ветувања, нечесни се и лажат“.

РАШТИМАН ОРКЕСТАР

Очигледно без слух и имун на ваквите обвинувања од речиси сите земји на југоисточна Европа, во еден од коментарите за ситуацијата, францускиот претседател ќе каже дека е предводник на нова генерација европски политичари на кои не влијаат патетични апели.

Но, заборава дека тие патетични апели се протест против дволичната политика на Европа, двојните аршини и стандарди, лажни ветувања и нечесност, директно и безобразно прекројување на нечија историја, потекло и корени и безброј лаги.

Однесувањето кон нас како да сме мајмуни во Зоолошка, во која европските политичари доаѓаат да нѐ посетат, да се сликаат и да ни фрлат по некоја банана, е навредливо за нас, а нив ги определува и како луѓе и како политичари, само потврдувајќи го Крлежа.

Впрочем какви пораки ни испраќа Европа со своите постапки и политики? Наликувајќи на оркестар, кој е и морално и институционално раштиман, со Парламент во кој седат и десничари екстремисти и левичари, комунисти и фашисти, либерали, исламофоби, ксенофоби, од кои може да се создаде „алијанса на идиоти и будали“, како што вели еден сатиричар, со празни зборови, лаги и кршење на сите, а, пред сѐ, своите правила и норми, не може да испрати никаква порака никому, која би била сфатена сериозно. Тоа најдобро го покажува примерот на Украина.

Со ваков начин на однесување на новата генерација европски политичари, ЕУ нема никакво реално влијание подалеку од своите граници и не е, а во скоро време и нема да биде моќен политички фактор во меѓународните односи, каде што играта ја водат други моќници, туку ќе остане локална организација, која и самата не знае која ѝ е целта.

Пред да почне да дели лекции и да бара промени и отстапки од другите народи, ЕУ треба самата институционално, морално и суштински да се реформира и да почне да го почитува и да го применува она што самата го пропагира. Сѐ додека нејзините зборови се разликуваат од нејзините дела, Европа ќе го носи епитетот што Крлежа ѝ го дал уште пред сто години.

 

Поврзани новости