Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) утре, во Паркот на новинарите (спроти зградата на некогашната НИП Нова Македонија) во 15 часот, организира собирање во чест на убиените новинари и на другите жртви во Париз.
Собирот е инициран од повикот на Меѓународната федерација на новинари, Европската федерација на новинари и на француските новинарски синдикати како и на бројни синдикати на новинари од Европа, кои ги повикаа сите колеги масовно во недела 15 часот да учествуваат на маршот во чест на убиените новинари и на другите жртви во масакрот во Париз во просториите на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“.
„ССНМ се придружува на повикот и ја повикува новинарската фела и граѓаните да дојдат во Паркот на новинарите каде ќе можат да остават пораки со поддршка до колегите од Франција и од каде заедно ќе маршираме до Француската амбасада во Скопје. Со симболично оставање моливи да ја покажеме сплотеноста на професијата и на граѓаните во одбрана на правото на слобода и на пркос без кои новинарството не е можно“, се вели во соопштението на ССНМ.