„Милениумскиот крст“ ќе добие надворешни скали, вредни 28.300 евра

by Фокус

„Милениумскиот Крст“ на Водно, покрај новиот панорамски лифт, наскоро ќе добие и надворешни скали, за што ќе бидат потрошени 28.300 евра.

Договорот за изградба на скалите беше објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки, а Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) го склучи со фирмата „Турбо инженеринг“ од Скопје.

Рокот за изградбата на скалите е 45 дена, а реконструкцијата на „Милениумскиот крст“ започна изминатово лето, кога беше најавено дека ќе се изврши антикорозивна заштита на челичната конструкција, поставување електрични инсталации, демонтажа на постојниот лифт и изградба на нов панорамски лифт со придружни простории и елементи, изградба на фекална канализација и санитарни јазли и регулација на водоснабдувањето до „Милениумскиот крст“.

Постоечкиот панорамски лифт беше пуштен во употреба кон крајот на 2008 година, кога постоеја и внатрешни скали, но набрзо беа срушени откако беше утврдено дека биле лошо направени, односно една скала била пониска, а друга повисока.

Градежните работи е предвидено да чинат околу 1,3 милиони евра, а пред неколку месеци министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески истакна дека финансирањето на овој проект ќе биде извршено од Владата, во соработка со Град Скопје и јавните претпријатија.

Поврзани новости