Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ја поздрави одлуката на Владата да го прифати барањето за субвенционирање на придонесите за социјално и пензиско осигурување за вработените во медиумите.
Од ССНМ појаснуваат дека идејата за оваа помош произлегла од податоците дека сите други економски мерки што се однесувале на медиумите не успеале докрај да ја постигнат целта, бидејќи платите на вработените во многу медиуми биле намалени, а во одредени биле забележани и отпуштања.
За Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ова е важен чекор кон подобрување на работничките права на новинарите и медиумските работници и пример дека заштитата на правата на вработените е во полза на медиумите. Во таа смисла за ССНМ останува нејасна праксата на некои сопственици на медиуми да ги обесхрабруваат вработените синдикално да се организираат.
Од ССНМ апелираат до новинарите и медиумските работници да пријават какво било прекршување на оваа уредба и на сите други работнички права кои произлегуваат од Законот за работни односи.