Белград: 16.000 гледачи без маски и растојание присуствуваа на фудбалски натпревар

by Fokus

По неколкумесечна пауза поради епидемијата со коронавирусот, синоќа во Белград се одржа поголем спортски настан на кој присуствуваше публика од 16.000 посетители.

Како што јавуваат тамошните медиуми, на фудбалскиот натпревар во рамки на Купот на Србија, меѓу двата вечни ривала Партизан и Црвена звезда, не се почитувале никакви мерки за заштита.

Најголем број од навивачите биле без маски и немало физичко растојание. Пред почетокот на натпреварот, навивачите се туркале на мал простор за да обезбедат пристап до стадионот. Единствени кои носеле маски биле припадниците на жандармеријата кои биле задолжени за одржување на редот.

На 5 јуни српската влада ја укина забраната за собири и со тоа го отвори патот за одржување на спортски и други манифестации со публика, во пресрет на парламентарните избори закажани за 21 јуни.

Во Србија до вчера имаше регистрирано вкупно 12.031 случај на заболени со ковид-19, од кои 251 починаа. За 24 часа тестирани биле 5.015 лица и потврдени 66 нови случаи и еден смртен случај.

Поврзани новости