Претставници на самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници вчера оствариле средба со посредникот во преговорите за надминување на политичката криза Питер Ванхауте, на која го запознале со моменталната ситуација со синдикалното организирање во медиумите, соопштува Синдикатот.
Од таму тврдат дека тие го информирале Ванхауте дека состојбата со слободата на новинарите во смисла на нивната егзистенција и права од работен однос во медиумите е многу лоша и дека генерално постои одбивност на сопствениците на медиумите за синдикално организирање на новинарите, како и тоа дека има закани за нивниот работен ангажман доколку се изјаснат за членови на ССНМ.
Синдикатот бара да биде застапен со свои членови во Програмскиот совет на МРТВ и во Советот на Агенцијата за медиуми, да се вгради член во Законот за медиуми каде ќе се гарантира дека синдикалното организирање е слободно и основно право на вработените во медиумите.