Самостојниот синдикат на Клинички центри најостро го осуди нападот врз хирургот вчера на од Универзитетската клиника за дигестивна хирургија и констатира дека нападите на докторите и останатиот медицински персонал се зачестени и во континуитет во Република Македонија, но ваков инцидент сличен на дејствие од акционен филм е незапаметен во здравствената практика во Република Македонија.
– Самостојниот синдикат смета дека тоа е резултат на долгорочните политики во здравството кои доведоа до омаловажување и деградирање на докторите и останатиот медицински персонал. Политика во која наводно во прв план е пациентот, опремата и едукацијата на докторите и останатиот медицински персонал, со истовремено комплетно деградирање на достоинството на докторите и останатиот здравствен персонал. Невидената хајка против најистакнатите до најмладите доктори како недоволно едуцирани, неодговорни и непријателски настроени кон пациентите се директно вперување прст кон нив, како главни виновници за несаканиот исход во лекувањето на пациентот – се наведува во соопштението.
Синдикатот бара неколку итни мерки.
„1. Самостојниот синдикат на Клинички центри бара итно донесување на Закон за докторска дејност, Закон за сестринска и акушерска дејност, а од надлежните институции воспоставување систем за заштита на достоинството и угледот на докторите и останатите здравствени работници.
2. Самостојниот синдикат на Клинички центри ги повикува своите членови од другите ЈЗУ во Република Македонија да дадат подршка на своите колеги од Универзитетските Клинички центри.
3. Самостојниот синдикат бара од Директорите под итно да воспостават
24 часовно професионално обезбедување на сите ЈЗУ во Република Македонија.
4. Директорите на ЈЗУ да се однесуваат со должна почит кон лекарите и останатиот персонал и да не ги надминуват ингеренциите на функцијата.
5. Изготвување нова законска регулатива која се однесува на здравствените работници при чие креирање неизоставно, активно, како рамноправни партнери ќе учествуваат Самостојниот синдикат на Клинички центри и Самостојниот Синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Р. Македонија“, се вели во соопштението.
Самостојниот синдикат на Клинички центри го повикува своето членство, јавно, во кругот на Клинички центар да изрази солидарност кон д-р Љубомир Огњеновиќ „и да го искаже својот револт кон несаканиот настан и кон понижувачкиот статус на докторите и другиот здравствен персонал со собирање на членовите на хелиодромот, во термин кој дополнително ќе се договори“.