Најлош досега извештај за Македонија, со условена препорака

by Фокус

За прв пат по седум години Македонија добива условена препорака за старт на преговори. Препораката е условена со целосно применување на договореното од Пржино.

Овој европски извештај за напредокот на земјава нотира низа проблеми во поглед на политичкиот дијалог и политичката култура, но и мала политичка одговорност по скандалот со прислушувањето и отсуството на опозицијата од Собранието како контролор на реформите.

Препораката повторно ќе се разгледува по изборите.

„Прислушуваните разговори во кои очигледно се вклучени високи владини претставници, укажуваат на кршење на фундаменталните права, мешање во независноста на судството, слободата на медиумите и изборите, како и политизација и корупција. Загриженост за сите овие прашања беше сигнализирана во претходните извештаи за напредокот“, стои во извештајот.

Исто така нотирано е дека неуспехот на политичкиот дијалог и потешкотиите при постигнување консензус за одредени прашања ја потенцираат културата на политичка поделеност во земјата, забележува Брисел.

Извештајот потврдува дека недостатоците околу изборите, кои претходно ги нотираа ОБСЕ и ОДИХР и други сомненија се рефлектирале во содржините од прислушуваните разговори.

Клучната препорака е имплементација на итните реформски приоритети.

Извештајот исто така препорачува: подобрување на перформансите и политичкиот дијалог во занонодавниот дом како и кредибилен надзор на работата на разузнавачките служби. Отсуството на главната опозициска партија за време на периодот за кои се известува го намали квалитетот на реформите и ги поремети операциите на проверки и балансирање, пишува во документот.

Според извештајот била поднесена ограничена политичка одговорност со само три оставки.

„Само ограничена политичка одговорност беше преземена со оставките на двајца министри и шефот на разузнавачките служби. Недостигот на надзор од клучни тела треба да се адресира и сите независни регулаторни, надзорни и советодавни тела треба да бидат во можност соодветно да ги извршуваат своите функции на проактивен и ефикасен начин, без политички притисок. Интеретничките тензии ја потенцираат потребата за целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор“, се вели во извештајот.

Брисел порачува и целосна истрага за настаните во Куманово.

Во однос на економските критериуми, се оценува дека земјата е на добро ниво на подготвеност во развојот на функционална пазарна економија, но се нотира назадување во управувањето со јавните финансии. „Растот на вкупниот јавен долг и натаму е загрижувачки. Невработеноста останува висока со 28 проценти“, се оценува во Извештајот за напредокот во 2014 година на Европската комисија.

 

Поврзани новости