Косовското Специјално обвинителство ја продолжува истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби, и за таа цел е испрашан и еден српски новинар, кој тврди дека знае кој го убил Ивановиќ, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Извори од Обвинителството за порталот „Газета Експрес“ изјавија дека новинарот Стефан Цветковиќ, кој беше запрен на граничниот премин Јариње меѓу Косово и Србија и шест часа бил испрашуван од косовските обвинители, излажал кога напишал дека ги знае сторителите на убиството кое предизвика бурни реакции, како во Косово, така и во Србија.
Самиот Цветковиќ претходно ја објави истата информација, односно дека бил задржан шест часа од косовските органи на граничниот премин на враќање од Митровица во Србија, дека бил испрашан од специјалниот обвинител и потоа пуштен да се врати во Србија. Тој не даде детали за разговорот со обвинителот, освен дека го прашувале што знае за убиството.
Лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ беше убиен во јануари оваа година во Северна Митровица, пред седиштето на неговата партија. До сега нема ниту еден приведен или осомничен, ниту, пак, најава дека истрагата за убиството кое ги потресе Косово и Србија дава некакви резултати.