Македонскиот кандидат Срѓан Керим засилено ја губи поддршката за својата кандидатура за генерален секретар на Обединетите Нации. Во синоќешниот трет круг гласање Керим добил 6 „позитивни“, 7 „негативни“ мислења и две воздржани, со што падна на шесто место на листата од кандидати.
Сепак позиција на Керим е стабилна и му отвора пат до финалниот избор, бидејќи во оваа фаза земјите тактизираат и гласовите се релативни, објаснуваат од неговиот Кабинет.
Тоа го покажува падот на словенечкиот кандидат, Данило Турк од второ на осмо место при дното на табелата и обратно словачкиот кандидат, Мирослав Лајчак се искачи од последната на втората позиција.
Сега, трката останува отворена и кога ќе влезе во фаза на употреба на правото на вето од страна на петте постојани членки на Советот за безбедност ќе може да се процени кој од кандидатите има реални шанси да прерасне во компромисно решение.
На врвот на листата од кандидати останува поранешниот португалски премиер Антонио Гутереш, но неговото водство не значи дека ќе го направи наследник на Бан Ки Мун, бидејќи во оваа рудна на гласање за прв пат тој добил и гласови „против”.
Следниот круг на гласање се очекува кон средината на септември.