Средношколците денеска повторно протестираа пред Министерството за образование и наука облечени во маички со натписи „Јас знам кој те праќа тебе“ и „А кој не праќа нас“ . Најавија дека ќе поднесат тужби против сите кои им се закануваат и им вршат притисоци.
-Остануваме пред МОН. Пред суд ќе ја бараме правдата и институционално ќе се бориме , рекоа од Средношколскиот пленум, заблагодарувајќи му се на на Хелсиншкиот комитет за правната помош која им ја пружа.
Во понеделник ќе се ресетира бојкотот, односно ќе се вратат во училиштата на еден ден, бидејќи тогаш истекува законската можност за отуство од наставата. Потоа, бојкотот и кампувањето пред МОН ќе продолжат.
-Пет недели Македонија бојкотира, пет недели образованието е во колапс поради зградата зад нас. Македонската младина спие на улица, ги бара од домаќините своите права и ќе се избори за своите права бидејќи за разлика од нив, ние имаме усул, порачаа од Средношколскиот пленум.
Родителите и учениците го поканија министерот за образование Абдилаќим Адеми и неговиот заменик Спиро Ристовски на средба во кампот во понеделник во 13 часот.