Средношколци од Неготино – таленти во кик бокс

by Фокус

Вчера во Скопје, во Спортски центар Борис Трајковски се одржа државното првенство во кик бокс. Проверката пред важните меѓународни настапи поминала одлично, а големо изненадување биле средношколците од Неготино, од кои дури шест успеале да освојат високи резултати на настанот.

Прво место со две победи во дисциплината кик лајт освоила Марија Јанева, прво место со три победи во кик лајт и прво со две победи во лоу кик освоил Роберт Костовски.

-Тренирам кик бокс околу пет години и презадоволна сум од двете борби на државното првенство. Се надевам дека во иднина ќе имам уште многу вакви успеси – вели Марија Јанева, која пред неполн месец била на Балкански куп во Босна, каде освоила второ и трето место во две дисциплини.

И Роберт Костовски си замина од Скопје задоволен со постигнатите резултати.

-И јас тренирам уште од мали нозе, а посебно ме мотивира тоа што клубот има се повеќе и повеќе натпреварувачи со добри резултати. Со Марија се согласуваме дека секогаш може подобро, и со многу труд очекуваме резултати и од повисоки првенства – ни изјави Костовски.

Покрај нив, од Неготино награди освоиле и Душица Стојанова, трето место во кик лајт, Владанка Бојкова, исто трето место во кик лајт, Кристијан Ангелов, трето место во лоу кик и Мартин Митиќ, второ место во лоу кик. Средношколците од Неготино се членови на кик бокс клубот Гладијатор, а тренер им е Ѓорѓи Вучков.

Велат дека освоените резултати им се голема мотивација да продолжат да го даваат максимумот и да му донесат на градот значајни трофеи од овој спорт, кој станува се популарен кај младите неготинчани. И неколкукратниот светски шампион во кик бокс, Димитар Ѓоргиев, исто така е од Неготино.

 

Поврзани новости