Средношколскиот пленум (СП) изрази јавна поддршка и недвосмислено застана зад групната претставка на Наставничкиот пленум доставена до Уставниот суд, а со која се оспоруваат членовите од Законот за основно и средно образование, кои во најголем дел се поврзани со екстерното тестирање.
СП очекува сериозно разгледување на иницијативата за оценување на уставноста на Законот за основно и средно образование, при што апелира на телемно разгледување на нивните аргументи, факти и околности. Оценува дека работењето под притисок, кое се „фаворизира“ преку овој концепт на екстерно тестирање, не само што го попречува креативното размислување на учениците, туку става и јасно „ембарго“ во општествениот развој на заедницата. Со тоа, наместо на критичка анализа, учениците се подлежни на сервирани ставови, нелогични и неаргументирани тези.
– Децидни сме дека краткотрајното помнење на факти, кое се промовира со екстерното тестирање, воедно најнизок параметар според Бирото за развој на образованието, не смее да се изедначи со годишната оценка, која ученикот ја добива врз база на покажаните знаења и вештини во текот на целата учебна година, преку тестови, испрашувања, домашни задачи и активности.
Сметаме, дека ваквото „напамет“ знаење не резултира со никаков квалитет, туку напротив, остава сериозни последици и длабоки дупки во образовниот систем на РМ – се наведува во поддршката на Средношколскиот пленум.
Оттаму потсетуваат на нивното барање испратено до ресорното министерство, во март годинава, во кое побарале „одредбите од Законите за основно и средно образование кои се однесуваат на екстерното тестирање, итно и неодложно да бидат ставени во мирување!
– Во него, аргументирано посочивме на нелогичноста и несоодветните резултатите од екстерното тестирање. Фаворизирањето на краткотрајно меморирање на факти го обезвреднува сиот вложен труд на ученикот во текот на целата школска година, а притоа не се проверува критичкото знаење и квалитет, беше напишано во барањето. Укажавме дека екстерното тестирање е спротивно на европските образовни стандарди, е неспроведливо и е дел од „реформи“ кои само ќе ги продлабочат, наместо да ги разрешат образовните проблеми во државава! Континуираната проверка на знаењето и способноста на ученикот низ целата школска година не може и не смее да се изедначи со проверката преку екстерното тестирање, која трае само неколку часа – се додава во нивното обраќање.