Средношколскиот пленум преку соопштение ја извести јавноста дека Министерството за образование ги спречило да ја реализираат првата активност од нивниот проект „Од деца за деца”, кој беше планиран во соработка со децата од СОС детското село.
-Имавме желба, децата да го видат прославувањето на титулата на нашиот најтрофеен клуб РК Вардар, кој титулата по успешно завршената сезона ја прославува токму на натпреварот РК Вардар – РК Радовиш кој се одигрува денес, а на кој ние , заедно со децата од Детското село требаше да присуствуваме. Но, како и во многу други наврати, Министерството за образование и наука посегна по она што не му доликува, а тоа е недоличното и пред се нехуманото дејствување со кое спречија два часа убавина и два часа радост исполнети со игра и дружење со ракометните шампиони на Македонија, пишува во соопштението на Средношколски пленум.
Од Пленумот велат дека освен што Министертвото за образование им ја спречило оваа акција, барало од нив и да демантираат дека такво нешто воопшто било во план да се случи.
-Само затоа што сме деца, не значи дека ќе замолчиме пред ваквите ограничувања. Баш затоа што сме деца, баш затоа што ова го поминавме, денес, по кој знае кој пат, НЕМА да се предадеме, нема да потклекнеме и нема да дозволиме нашите помали сограѓани, нивните воспитувачки, да се справуваат со вашите подмолни активности и замисли. Одиме до крај, на подмолната рака на МОН мора да и дојде крај, стои во соопштението.