Среден прст за граѓанскиот интерес

by Fokus

Пишува: Ида Протугер Вељковиќ

Амди Бајрам е спореден лик во оваа колумна. Ќе пишувам за квалитетните луѓе кои останаа во Македонија и кои се раритетен вид од ранг на белиот носорог. Ќе пишувам за другарка ми Јана. Јана БелчеваАндреевска, претседател на Советот на Општина Центар.

Ја гледав пред некој ден на дебатна емисија за урбанизмот во Скопје. Ако за читателите не е познато, Општина Центар прогласи мораториум за градење додека не се направи ревизија на деталните урбанистички планови и нивно усогласување со потребите на жителите на општината и на Генералниот урбанистички план. Истовремено, другите општини продолжија со урбаното дивеење, сеча на паркови и сето тоа е покриено со “позитивните законски прописи” како алиби, и парите за комуналии од градењето како цел.

Јана и Општина Центар се најдоа на мета на критики поради стопирањето на градбите бидејќи било незаконско, па од што ќе живеела општината, од што градежните компании, архитектите и други групи кои ги врзува материјален интерес. На таквите критики, Јана одговори на еден чуден јазик за македонското политичко милје, да не речам странски јазик, кој малкумина веќе го разбираат.

Рече, дека мораториумот е бидејќи дотогашните акти, детални планови и урбанизација се носеле без да се прашаат граѓаните чиј квалитет на живот е засегнат. Каде е тука ИНТЕРЕСОТ НА ГРАЃАНИТЕ за квалитетен живот, безбедни тротоари за децата, паркови, јавен простор, со еден збор, хумани услови за живот, праша Јана редејќи така зборови кои се тотално непознати во речникот на македонските интересни заедници.

МАФИЈАТА ПРОДОЛЖУВА ДА ИМА СВОЈА ДРЖАВА

Младиот гостин од  Агенцијата за просторно планирање обелодени на пример факт, дека во Општина Карпош, планот со Генералниот урбанистички план било зголемување на бројот на жители за 15.000, а само сега со новите градби од деталниот план, таму сега се отворил простор за 30.000 жители. Дали има паркинзи, училишта, градинки, струја, вода и јавен простор за толку жители, тоа градските власти кои сакале да соберат пари од комуналии (не ги споменуваме гратис становите за кои нема се уште докази) не ги интересирало, ниту пак градежните компании кои заработуваат од градење или архитектите кои заработуваат од планирање.

Јана продолжи така да зборува за светлина во домовите, дрвја, тротоари, безбедност и многу аспекти од животот на граѓаните кои се изоставени од “позитивните законски прописи”, а на пример раководителот на Секторот урбанизам од општина Аеродром наоружан со еден куп “позитивни законски прописи” ја бранеше градежната експанзија. Поимот “јавност” е исто така еден раритетен и странски збор во комуникацијата меѓу интересните групи во Македонија.

На прашањето околу транспарентноста, раководителот на Сектор урбанизам во Општина Аеродром рече дека секој можел да побара и од фиока великодушно да му се покажат плановите за идниот развој на општината. Се разбира дека чувањето важни документи од интерес на граѓаните во фиока наместо на интернет е од некој минат век, така што заклучокот е дека 21-от не затропал на врата во Македонија.

А најпоразителниот заклучок е дека законите во оваа држава не се носат во корист на граѓаните туку на интересните заедници кои се финансиски моќни да си обезбедат законска конструкција на нивните планови за профит.

До лани бевме сведоци на најголемиот законски и “легален” грабеж во историјата на Македонија и наместо сечење во корен, ние гледаме дека на новата гарнитура таквото “наследство” и е прилично драго. Дури и “проверените” актери и идеолози се посакувани во новиот тим.

Сета оваа грда слика на урбаната мафија која го гази брутално правото на граѓанинот на квалитетен и достоинствен живот, само пресликајте ја во кој било сегмент од живеењето.

Македонските интересни заедници кои ја заробија државата и го згазија интересот на заедницата во целина, здружени од мини мафијашки групи се до најкрупни кои ја водат државата, не сакаат промени. Се разбира дека и низ историјата силата на личностите била таа која иницирала или реализирала позитивни промени во едно општество. Тоа што е Јана за урбаната мафија во Центар, беше Елиот Нес за Ал Капоне, Лаура Ковеси за романската криминалци во бели крагни, Катица, Ленче и Фатиме за нашата Фамилија, италијанскиот судија Фалконе за сицилијанската мафија.

ГОЛ СО ПЕТА НА ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА

Но, последните кадровски окрупнувања ни даваат право на момент за отрезнување дека Заев всушност не е лик кој сака промени на гнилиот корумпиран систем во земјата.Бидејќи човечкиот потенцијал е највредниот капитал за промени кон развој. Засега, Заев се откажува од тој капитал, во замена на потенцијал што ја билда силата на партијата.

Прво требаше да го проголтаме Али Ахмети кој од етичка гледна точка, кој како побратим на Груевски, никако не би можел да влезе во влада која се нарекува реформска, но, ете, потребно беше да се победи груевизмот за да се отвори патот кон промените.

Потоа почна да се нуди “лепче” на сите партиски прегладнети кадри наместо на способните и квалитетните и со таков партиски кадар се наполнија сите институции. Потоа не се скуси “лепче” ниту за Чедо Саздовски, парче се чува и за Андреј Жерновски, се “ухлеби” и брат Љубе кому од странци (надлежен за странски инвестиции) веројатно најголемо искуство му беа Пакистанците од Раштански лозја. Дојде на ред и командант Хоџа и конечно Амди Бајрам.

Во право е мојата колешка Катарина Синадиновска дека ние не гласаме за личности туку за партии и Амди е всушност производ на таквиот модел. Но, исто така беше прилично јасно постигнат консензус дека главниот негативен “производ” на груевизмот беше партиски заробената држава. И токму кадровската политика во смисла на знаење и вештини наспроти партиска книшка се условот тие окови да се скршат.

Амди Бајрам самиот ја кажа единствената понуда што ја има за своите гласачи: гласајте ме затоа што јас сум секогаш со власта. Тоа е, пак, и волшебната формула за поддршка на клиентелизмот и тој секогаш има гласачи, а секој на власт навистина го зема во коалиција. Тука логично се наметнува прашањето која е разликата помеѓу корупцијата на луѓе што ја правеше Груевски и “лепчето” што го нуди Заев?

Кои реформи може да ги спроведе Амди Бајрам освен да и забие гол со пета и да и покаже среден прст на целата прогресивна сила која здружена во Шарената револуција сакаше промени во земјата?

Способните кадри уште со побрзо темпо ќе почнат да ја напуштаат Македонија бидејќи ако го чуеш премиерот како вели дека битни му се квалитетни кадри и во наредна реченица соопштува дека ќе коалицира

со Амди Бајрам, бегаш од таа земја “главом без обзира”.

Уште подегутантно е оправдувањето што на секоја критика за лошо кадровско решение од партиски, а не граѓански интерес, нѐ плашат со враќање на Груевски.Да не заборавиме дека Европската унија беше соучесник во градењето на режимот на Груевски токму со тоа што “мижеше” пред сите коруптивни спреги и кршење на човекови права, спротивно на интересот на граѓаните, поради демек “повисока” цел што ја гледаа во наводна стабилност пошто човекот “држеше контрола врз ситуацијата”. Тоа што ветувал плус решение за името им доаѓаше како бонус.

Потоа истата ЕУ откако беа обелоденети бомбите остана, демек, вџашена каков тоа монструм управувал со нашите животи.

Дилемата е едноставна. Вредности или антивредности, квалитетни кадри или клиентелистичка заедница, партиска или демократска држава. Конечно, мизерно е и оправдувањето дека Заев бил голем па им простувал на луѓе како Бајрам.

Луѓе ние не беседиме за библиски или каркатерни црти на премиерот, туку за неговата способност да ја води Македонија во спротивен правец на тој што го зацрта Груевски и за кои се согласивме дека е штетен за напредокот и демократијата. Или не сме се согласиле?

 

Поврзани новости