СРЕДЕ НИШТОТО

by Фокус

Пишува х. Сулејман еф. Реџепи

 

Времињата што човекот ги живеел секогаш се разликувале меѓусебно, едно време секогаш се заменувало со некое друго, ниту еден период не траел бескрајно. Имено, времето, како и се друго, го створил Бог кој што само себе се одредил да трае вечно. На човекот му е одредено да биде само гостин во овој свет, при што му е пружена можноста да ја изврши предвидената му мисија.

Замислете што би се случило кога би траеле бесконечно времињата на разни сатрапи, кога човештвото би било приморано за секогаш да го трпи зулумот на разни диктатори и тирани. За среќа, времињата доаѓаат и си одат, а со нив си одат и луѓето за да дојдат нови времиња и нови луѓе. Еден сатрап може да се замени со еден умен и разложен човек, башибозукот пак со луѓе што зрачат со добра волја и љубов.

Чудни и непредвидливи се патиштата Божји низ кои Тој ги води луѓето. И, никогаш не се знае кога ќе бидат заменети патиштата, времињата, луѓето. Бог вели “Бидни“, и биднува. Искрено, времево што го живееме е токму едно од тие времиња што човекот не ги сака и за кое го моли Бога да го измени, да го замени со едно друго време и со други луѓе.

Времево што го живееме, дефинитивно е вулгарно време што рефлектира вулгарност во политиката и во јавноста, во културата, архитектурата, меѓучовечките односи, медиумите… Реално, ние сме нападнати од антивредноста и најголемиот дел на тоа што го гледаме, всушност представува најобична канализација на животот.

Ете затоа, сакам да констатирам дека обичниот човек што живее во Македонија, без оглед на етничката или верската припадност, е во потраг по некоја, било каква патека. При тоа, “човечињата“, како што ги нарекуваше една госпоѓа обичните луѓе, не да бараат туку веќе и инсистираат да сите тие што се замислуваат себеси како патоказци и архитекти на нашата иднина, да си ја заборават замислената големина бидејќи, Голем и Величествен е само Бог.

Во оваа ситуација и време кога трчањето по политиката ги чини смешни дури и нашите најсветли умови валкајќи ги со калта на ирационалноста, само по себе се поставува прашањето: Кој е неопходниот предуслов за да го уживаме правото дадено од Бога и да живееме достоинствен живот, да уживаме во слободата, да се надеваме.Како да ја достигнеме заедничката благосостојба во времињата кога сонливите друштвени елити никако не успеваат или не сакаат да превземат било каква одговорност

Анализите на последните случувања кај нас покажуваат дека земјава прави салто мортале и со забрзани чекори се одалечува од евроатлантските ориентации кои што долго време сите ние ги концептиравме како можност за вистински просперитет. Договорите, било Охридскиот или оној од Пржино, очигледно веќе не функционираат и служат како сламка за спас на последните романтичари што можеби искрено веруваат во нив. Но, сламка е тоа а морето на празните ветувања и на византијските игри е толку големо и толку длабоко.

Во секој случај, живеењето од бош муабети и ветувања, секогаш “на работ на конфликтот“ со замислениот непријател, со полицијата, еден со друг, веќе не е победничката опција. Не е опција ниту џабе потрошената насмевка бидејќи таквата насмевка е навредлива за човекот, таа говори за сервилноста и за парчосаното достоинство.

Не знам зошто, но некако стекнувам впечаток дека едно време завршува и започнува некое друго. Ми се чини дека започнува време во кое што компромисите кои што секако се потребни во демократските мултинационални и мултиконфесионални општества, веќе нема да се постигнуваат на самиот почеток на обидите за промени. Компромисот добива на значење само на крајот, само кога ќе се истрошат другите можности, инаку се нарекува далавера, зарем не!

Се ближи време во кое народот нема веќе да прифати да биде статист во снимањето на масовните сцени што ги реализираат тајните режисери. Убеден сум дека луѓето многу тешко ќе прифаќаат да бидат елемент во една оптичка измама додека есенцијалната измама ќе им носи поени на чудовишните мајстори.

“Бидни”, вели Бог, и биднува. Среде ништото може да никне цвет, може да заживее надежта, а насмевката на луѓето може да биде природна, не од зорт.

Поврзани новости