Разговорите меѓу американскиот и рускиот претседател – Џозеф Бајден и Владимир Путин почнаа денеска во Женева во тесен формат.
Пред самитот, претседателите на САД, Русија и домаќинот, Швајцарија – Бајден, Путин и Гај Пармелин – направија заедничка фотографија пред вила Ла Гранж, каде што се одржува самитот, почитувајќи ја социјалната дистанца поради пандемијата.
Двајцата претседатели се ракуваа пред да започне самитот.
Путин му се заблагодари на Бајден за иницијативата за средбата и изрази надеж дека средбата ќе биде продуктивна, додека Бајден истакна дека средбата со Путин очи-во-очи е корисна.
Пармелин им посака успешен дијалог на Бајден и Путин и додаде дека е голема чест за Швајцарија да има можност да биде домаќин на двајцата претседатели. Тој им посака успех на двајцата претседатели на англиски и руски јазик.
Првата тет-а-тет средба може да трае четири до пет часа, па и повеќе, а меѓу темите за кои ќе се разговара се контролата на оружјето, кибер нападите и мешањето во изборите.
Меѓутоа, на средбата нема да има заеднички ручек, а рускиот и американскиот претседател ќе одржат и одделни прес-конференции, што е знак на затегнатите меѓусебни односи.
-Нема да има кршење леб, им соопшти на новинарите висок американски функционер додека Бајден слетуваше во Женева на разговорите што денеска треба да почнат околу 13 часот во вилата „Ла Гранж“, елегантна сива палата опкружена со парк од 30 хектари, изградена во 18-от век.
Самитот во мирниот швајцарски град ќе го обезбедуваат меѓу три и 3,5 илјади полицајци.