Премиерот Зоран Заев, придружуван од владина делегација во состав Крешник Бектеши, министер за економија, Горан Сугарески, министер за транспорт, Роберт Алаѓозовски, министер за култура, и Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора, во рамките на официјалната посета на Република Косово, денеска оствари средба со претседателот на оваа соседна земја. Хашим Тачи.
На средбата на двете делегации беше истакнато дека Република Македонија и Република Косово со оваа посета отвораат ново, значајно, поглавје во досегашната соработка.
Премиерот Заев и Претседателот Тачи, по средбата одржаа заедничка прес конференција, на која Претседателот на Владата на Република Македонија истакна:
-Сакам на почетокот на ова наше заедничко обраќање пред вас, заедно со Претседателот на Република Косово, да нагласам дека остваривме средба како лидери на две држави што немаат отворени прашања. Добивме силно охрабрување од Претседателот Тачи да го реализираме тоа што го договоривме со премиерот Харадинај – Да отвориме нови можности за натамошно унапредување и продлабочување на нашите меѓусебни односи. Заедно ги слушнавме бизнисмените на двете земји. Со нивните сугестии се отвораат можности за нови работни места, што е особено значајно за младите.