Србија и Косово постигнаа договор во Брисел

by fokus

Косово и Србија денеска постигнаа договор со посредништво на Европската унија за спорот со регистерските таблички.

Главните преговарачи од српска и косовска страна го поминаа целиот вчерашен ден и дел од денешниот во билатерални преговори со специјалниот претставник за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Попладнево, Европската комисија потврди дека двете страни постигнале договор за спорот околу регистарските таблички.

– Претседателката Урсула фон дер Лајен го поздравува договорот постигнат по преговорите кои се одржуваат од вчера наутро. Овој договор доаѓа додека претседателката ја финализира својата тура низ Западниот Балкан. Таа вчера се сретна со властите во Косово, а денеска во Србија и ги повика двете страни да постигнат договор што поскоро и да ја деескалираат ситуацијата, изјави Дана Спинант, портпаролка на Европската комисија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска оцени дека постигнатиот договор во Брисел за регистраските таблички е „апсолутно најмногу што можеше да се постигне“ и дека тоа е добар резултат за Србија, иако дефинираше и одредени негативни аспекти од договореното.

-Мислам дека постигнавме еден вид компромисно решение, од кое сум задоволен и мислам дека е важен за нашата страна, изјави Вучиќ на прес конференција во Ниш, каде што претходно присуствуваше на почетокот на два проекти со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.

-Двете страни се согласија да ја повлечат Росу од премините Јариње и Брњак истовремено со отстранување на барикадите на 2 октомври, од 8 часот наутро, а повлекувањето на Росу да заврши до 16 часот, изјави Вучиќ.

Тој кажа дека КФОР ќе ги постави своите сили на Јариње и Брњак уште пред имплементацијата, кои ќе останат околу две недели со цел да се зачува безбедноста и слободата на движење.

Тој објасни дека на 4 октомври во 08:00 часот ќе биде воспоставен таканаречениот режим на налепници, како привремена мерка пред конечното решение.

-Конечното решение е одложено извесно време, за што ќе имаме разговори во Брисел, изјави Вучиќ, наведувајќи дека тоа го смета за голем успех за срспката страна.

Исто така, договорено е да се формира Работна група составена од претставници на ЕУ, Белград и Приштина, која ќе бара трајно решение за таблиците базирано на европските стандарди. Како што наведе, првиот состанок на Работната група е на 21 октомври во Брисел, а шест месеци по првиот состанок ќе се презентираат наодите.

Поврзани новости