Србија ги укина Ковид сертификатите

by fokus

Српскиот Кризени штаб за борба против коронавирусот донесе одлука за укинување на Ковид сертификатите од сабота, соопшти министерката за труд и социјални прашања Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Ковид сертификатите или пропусниците беа воведени на 23 октомври минатата година и прво важеа по 22 часот, но со зголемувањето на бројот на новозаразени, нивната важност беше продолжена, па се применуваа од 20 часот.

Кисиќ Тепавчевиќ изјави дека делта сојот на коронавирусот „повеќе не е регистриран во Србија“, а во моментот кога била донесена одлуката за воведување на ковид пропусниците тој бил доминантен и пропусниците биле ефективни за негово сузбивање.

Како што кажа Кисиќ Тепавчевиќ, се задржува препораката за носење маски во затворени простории, а се укинува ограничувањето на бројот на луѓе во затворени простории.

-Кога станува збор за изолација на пациентите, таа се уште е во сила бидејќи тоа е основната антиепидемиска мерка, која опфаќа изолација од седум дена, доколку е потребно и подолго, изјави таа за медиумите по седницата на Кризниот штаб.

Поврзани новости