Новото парламентарно мнозинство во Србија планира референдум за членство во ЕУ, кој би можел да се одржи пред 2031 година, изјавија за порталот „Рапортер“ двајца истакнати претставници на победничката „Студентска листа“.
Гласањето би се одржало откако новата српска влада, штом ќе биде формирана, ќе спроведе реформи за зајакнување на судството, воспоставување на владеењето на правото и подобрување на слободата на медиумите.
„Ќе мораме да одржиме референдум. Ќе мораме да ги прашаме граѓаните“, изјави Ана Димитријевиќ, кандидат за пратеник од „Студентската листа“, еден ден пред конститутивната седница на новиот состав на српскиот Парламент.
Димитријевиќ, наставник по англиски јазик во средно училиште, во текот на изминатите недели одржала неколку средби со претставници на ЕУ, заедно со други истакнати претставници на новата водечка политичка сила во Србија, наведува порталот, додавајќи дека Брисел е известен за можноста за одржување референдум за членство во ЕУ.
„Тоа го спомнавме неколку пати на средбите што ги имавме“, изјави Димитријевиќ.
Понатаму се потсетува дека Србија поднесе барање за членство во ЕУ во 2009 година, а официјален статус на кандидат доби во 2012 година.
За време на мандатот на Вучиќ, преговорите на Србија за пристапување кон ЕУ беа практично замрзнати, а Брисел сè почесто изразуваше незадоволство поради назадувањето на демократијата и нападите врз слободата на медиумите.