Срамота е една гума за џвакање да биде поскапа од килограм грозје, велат лозарите од Тиквешијата

by fokus

Килограм смедеревка четири денари, гума за џвакање пет денари. Што треба повеќе, да го оставиме грозјето да скапува, бидејќи не е исплатливо да се организира гроздобер по вакви откупни цени – револтирано реагираат лозарите од Тиквешијата, откако вчера винаријата Мовино ги објави откупните цени, четири денари за килограм смедеревка и седум денари за вранец.

Винаријата лоцирана кај Паликура е прва која излезе со ценовник за грозјето оваа сезона. Истата произведува флаширано вино, но примарно и е производството и извоз на наливно вино кое се продава во Германија, Канада и Јапонија.
Лозарите од Кавадарци и Неготино сметаат дека ова е начин да се уништи лозарството, бидејќи со понудените цени, никој од нив не би можел да има ниту минимална добивка.

-Минатата година набрав околу пет тона смедеревка, се откупи по цена од 10 денари за килограм. Тоа се 50.000 денари, од кои веднаш, во старт плаќаш околу 20.000 денари на берачите, чија дневница беше од 1.000 денари па нагоре, товарачите кои наплатуваа 1.500 денари, трактористите кои го превезуваат грозјето до откупните пунктови, исто така наплатуваат околу 1.500 денари од тура. Каде се тука останатите трошоци кои лозарите ги плаќаат во тек на годината? Водарина, препарати за заштита, орање, кроење, нафта, низа на работи за кои се ангажираат аргати чии дневници не се за занемарување.
Да се радуваме ако не сме во загуба… Но, со овие понижувачки цени кои се понудија вчера, ние ќе бидеме во загуба. Која е поентата тогаш да плаќаме за берба? Нека скапува грозјето на нивата, така барем нема да имаме дополнителни трошоци – раскажува лозар од Кавадарци.

Се потенцира дека гроздоберот е всушност и најскапиот дел од одгледувањето на винова лоза, бидејќи дневниците на берачите се исплаќат веднаш, на самото место во готово, а потоа лозарите треба да чекаат парите за предаденото грозје да им легнат на сметка. Многу од нив велат дека ги добивале на рати, па исплатата траела со месеци.

-Револтирани сме и бараме трајно решение. Секоја година преговорите започнуваат кога грозјето веќе ќе озрее. Дали да ги ископачиме лозјата, или има надеж да се стави во ред производството на грозје? Апелираме утврдување на реални цени на време, да не се случува некој да си игра со маката на лозарите. И ланските цени, кои беа од 10 денари за смедеревка и 13 за вранец беа ниски, а не пак сега, овие кои се објавија. Една гума за џвакање е поскапа од килограм грозје, дали било каде во светот има вакво нешто? Ве молиме, објавете, да се знае низ што минуваат лозарите – за ,,Фокус” изјавија група на лозари од Неготино, кои бараат да се сврти вниманието на надлежните кон овој проблем.

По повод ценовникот на Мовино, кој за лозарите претставува голем удар врз нивниот труд и егзистенција, вчера реагираше и Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци. Тој побара итна средба со министерот за земјоделство Трајан Димковски.

Средбата е закажана за утре, со почеток од 15 часот, а на истата покрај Димковски и Јанчев, ќе присуствуваат и пратениците Панчо Минов, Даниела Колева, Лолита Ристова и неготинскиот градоначалник Тони Делков.

Вики Клинчарова

Поврзани новости