Група спортисти, кои многу години наназад практикуваат различни спортски дисциплини во прекрасниот мавровски регион, во пресрет на празникот „Раѓање на свети Јован Крстител“ – Иванден своите спортски подвизи ги посветија на големиот јубилеј, 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир.
-На овој спортски настан, што се одржа на наша голема радост, учествуваа спортско-качувачките клубови „Екстрем“ и „Карпош“ од Скопје, „Вертикал“ од Битола, „Астибо“ од Штип, „Карпи за секој“ од Демир Капија, потоа членови на Спортско-качувачката федерација, под раководство на претседателот Владимир Трповски, а нивни предизвик беше да ги качуваат атрактивните и светски познати насоки во Мавровската пештера, изјави за МИА сестра Ефимија.
Исто така тројцата искусни планинари и алпинисти Марио Шаревски, Маја Бошкоска и Војкан Недковски првпат во историјата на македонското планинарење минаа трансверзала по планинскиот венец Кораб – Дешат – Крчин, поминувајќи 70 километри, на надморска висина од 4. 377 метри, во времетраење 31:48 час, од кои во активно одење 22:21 часа.
-Посебно беше задоволството овие храбри атлети во текот на спортувањето да ги носат јубилејните маици на Бигорскиот манастир, во знак на поддршка и нескриена радост за големината и значењето на 1000-годишнината од основањето на Бигорската Обител. Тие го посетија древното Бигорско светилиште и се поклонија пред чудотворната икона на светиот Јован Крстител, а нешто подоцна сите беа поздравени од нашиот возљубен Старец, архимандрит Партениј, вели сестра Ефимија.
Додава дека Отец Партениј со особена љубов, задоволство и восхит за нивниот спортски подвиг во чест на Јубилејот, од срце им се заблагодарил и ги благословил за нови успешни духовно-телесни искачувања и спортски достигнувања.
-Бог да ги благослови сите оние кои зедоа учество и дадоа придонес за реализирањето на овој навистина прекрасен настан, кој успеа да се одржи и во услови на зголемени мерки за заштита и превенција од коронавирусот, притоа не отстапувајќи од наведените владини препораки, додава сестра Ефимија.
На Синодска седница, одржана на почетокот на февруари годинава, архиереите го одредија 18 октомври 2020 година како ден за соборна прослава на големиот јубилеј 1000 години од неговото основање.