Политичките партии веќе ги доставиле предлог советничките листи до Државната изборна комисија. На нив може да се сретнат буквално сите професии, а во последно време често е вклучувањето на спортисти, актуелни и поранешни во политичките води.
Владејачката листа на СДСМ во Центар е предводена од две познати спортски имиња: поранешната ракометарка Андријана Будимир, додека втора на листата е кошарката Едина Муса. Во Карпош листата на ВМРО ДПМНЕ ја предводи познатиот актер Роберт Велјановски, додека онаа на СДСМ познатото спортско име Марин Докузовски, а на листата се наоѓа и директорот на Здравствениот дом во Скопје, Виктор Исјановски.
Побаравме став од Муса и од Докузовски – дали нивната кандидатура за советници е мамка за гласови или сакаат искрено да помогнат на општините.
„Јас сум роден и целиот мој живот го поминав во Карпош. Не мислам од спортот да поминам во политика. Ова е само момент да помогнам да си го подобриме животот во Карпош. Многу добро го познавам Душко Весковски и знам дека ќе направи се за да го подобри животот. Затоа решив да застанам позади него на овие избори како независен кандидат на листата“, ни изјави македонскиот кошаркарски тренер, Марин Докузовски.
Кошаркарката Едина Муса не смета дека нејзината кандидатура е исклучително како „мамка за гласови“ за овие избори. Таа верува дека граѓаните ќе ја препознаат нејзината визија.
„Решив да се кандидирам за советничка затоа што сметам дека имам доволно искуство зад себе кое сум подготвена да го насочам кон развој на општината во која живеам. Токму ова е мојот мотив и инспирација. Обвинувањата дека сум тука како „мамка за гласови“ е груба навреда на моите професионални достигнувања и капацитети. Се кандидирам затоа што сакам да придонесам кон позелен Центар и Центар кој го развива и негува спортот како дисциплина. И верувам дека моите сограѓани ќе ја препознаат искреноста и визијата која ја имам. Во следните четири години ќе се залагам за нови и развојни политики кои ќе ја поттикнат креативноста и претприемништвото кај младите. За Центар да го претвориме во пример за сите други општини“, изјави Муса за „Фокус“.
Не е новитет спортисти да бидат приклучени во политиката на директен или индиректен начин. Македонија во минатото беше сведок кога ракометниот голман Борко Ристовски се вклучи во стратешкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, Наумче Мојсоски отвори митинг на СДСМ, Петар Наумовски беше пратеник во ВМРО-ДПМНЕ и уште многу други случаи.