Мајмунчето Лука од скопската зоолошка градина, кое што во август 2015 година ги полнеше насловните страници на медиумите во Балканот, откако маж и жена од Кавадарци го киднапираа, деновиве од страна на вработени во ЗОО е посочен како главен виновник за смртта на неговото постаро братче Дино.
„Ве информираме дека на 18 декември при меѓусебен конфликт на два мајмуни од видот павијан, едниот од павијаните, познат во јавноста како Дино, како резултат на конфликтот се здоби со тешка повреда на предната нога. Веднаш истиот беше упатен на Факултетот на Ветеринарна медицина при што беше извршена ветеринарна интервенција за санирање на здобиената повреда. За наша и ваша жал, павијанот Дино не ја преживеа операцијата“- беше краткото соопштение од ЗОО, откако од Анима Мунди, здружението за заштита на животните јавноста беше алармирана за смртта на двегодишното мајмунче.
Според здружението, постоеле сознанија дека Дино страдал цела недела со скршена нога и отворена рана на истата.
„Зошто ЗОО Скопје молчеше дека бил повреден и умрел мајмунот Дино, се додека информацијата не ја обелоденивме ние и зошто ни беа недостапни за одговор? Во време кога ветеринаринари во Македонија и во светот оперираат најкомплексни повреди на рбетниот столб, во Зоо Скопје умира мајмунче од повреда на нога?! Укажуваме на неопхода јасно да се утврди причината за неговата смрт, затоа што нашите податоци говорат дека е умрел после измачување во период од недела дена (отворена рана и скршена нога) која била предизвикана од негрижа на вработен, а која никако немала да биде фатална доколку на мајмунчето му се укажала навремена ветеринарна помош. Бараме во јавноста да се кажат податоци за тоа кој се грижел за Дино, кој му укажувал ветеринарна помош, кога и на кој начин. Инсистираме да се спроведе истрага и информираме дека Анима Мунди ќе поднесе пријава против Зоолошка градина Скопје.
Јавноста ја повикуваме на бојкот, повикуваме да не ги трошат своите пари финансирајќи беда на животните, нивно обезвреднување – сведување на предмети и доживотно заробеништво. Животните не се предмети ниту украс, и нивното место е во дивина, на слобода“ – е реакцијата на Анима Мунди.
Дино и Лука беа главни атракции во зоолошката градина Скопје во изминатите неколку години. На прв поглед, изгледаа како мали деца, носеа пелени и облека, имаа играчки и беа расположени за дружба со луѓето. И двајцата биле отфрлени од мајката, па вработени во ЗОО се грижеле за нив, а мајката била префрлена во ЗОО Битола.
Кога пред помалку од година и половина Лука беше киднапиран од страна на маж (32) и жена (28) од Кавадарци, кои што се правдале дека тоа го сториле бидејќи детето на кавадарчанката многу го засакало мајмунчето и плачело да му го донесат дома, неговата кражба од ЗОО беше опишана како кражба на деценијата.
Крадците за кратко време беа фатени, а Лука безбедно вратен назад. Потоа беше обелоденето дека против кавадарчанката од порано биле поднесени две кривични пријави за кражби, а против нејзиниот пријател дури 33, од кои некои за кражби, трговија со дрога и компјутерски криминал, и најверојатно го киднапирале Лука за да го продадат.
Вики Клинчарова